Македонија
(Видео) Јованчев: Владата се реконструира поради тоа што СДСМ и Ковачевски се силно уценети од Али Ахмети и ДУИ
„Денес овој предлог за реконструкција на Владата и со овој чин за насилно влегување на Алијанса за Албанците во Владата не значи ништо друго освен дека СДСМ и нивниот претседател Ковачевски се силно уценети од нивно поголемите коалициони партнери односно Али Ахмети и ДУИ“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Зоранчо Јованчев на денешната собраниска седница.
„Вие господа од СДСМ го направивте Собранието „Зелен пазар“ никогаш овој дом не бил повеќе понижен како што е сега. Треба да расправаме за идеи, решенија и проекти, а ние како и пред неколку месеци кога се бираше Владата на донесениот без легитимитет од народот Ковачевски, така и денес се обидувате да ја замајувате јавноста со реконструкции под мотото европска коалиција“, рече Јованчев.
Јованчев додаде дека се гледа не дело како власта ќе ја носи Македонија во Европа, а тоа е со поделба на тендери. Електричната енергија за СДСМ, а нафтата и нафтените деривати за ДУИ.
„И денес да ги решиме сите билатерални прашања што ги имаме со нашите соседи, ние во Европа нема да влеземе со оваа корумпирана номенклатура на власт, затоа што на Европа потребни и се земји членки со средени реформи со не корумпирано судство и со политичари без концесии и затоа во Европа нема да влеземе се додека седиштето на Владата е на улица „Илинденска“ а далечинскиот управувач се наоѓа во Мала Речица“, вели Јованчев.
Јованчев посочи дека доколку со овие поранешни министри судството и правниот систем се со доверба под 3% односно 2%, тогаш со новите министри ќе немаме никаков систем. Ќе владее беззаконието, безредието, корупцијата и партизацијата на целокупните правосудни органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

