Македонија
(Видео) Љутков: Власта на СДСМ е најголема опасност за УНЕСКО, бараме итни оставки
Власта на СДСМ е најголема опасност за УНЕСКО, инсистираме на итни оставки, изјави Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ. Тој обвини дека СДСМ три години со ред со своите лаги и никаква реална активност успеала да го загрози во целост статусот на Охридскиот Регион во светското наследство под заштита на УНЕСКО.
„Заклучоците од последниот извештај на УНЕСКО упатуваат на фактите дека нема никаква промена во состојбата од 2017 година и посочените забелешки и препораки, наместо спроведување и справување со дивоградбите, и тоа не само покрај брегот на езерото туку и во старото градско јадро, градежната мафија и понатаму царува во Охрид и Струга и наместо подобрување на состојбата со природното богатство, особено проблемот со Студенчишко Блато, патеката сè уште е затворена, бетонирана, со што се нарушува биосферата на едно од најважните точки на Охридското Езеро“, рече Љутков.
Исто така, додаде тој, заклучоците од последниот извештај покажуваа дека останува и проблемот со еколошките катастрофи, дивите депонии, немање никаква свесност на локалната самоуправа, а со тоа и кај локалното население, како и многу други факти и реални состојби, а најголемите забелешки се однесуваат на продолжувањето на проекти со кои дополнително се загрозува ова заштитено подрачје
„Со оглед на тоа дека Охрискиот Регион е загрозен само и единствено од човечкиот фактор, односно од лошото менаџирање, неспроведување на законски регулативи, загадување и многу други кои се во целост предизвикани од несоодветното работење на надлежните институции, ставањето на природното и културното богатство на Охридскиот Регион на УНЕСКО-листата на светско наследство во опасност ќе ја информира целата меѓународна зедница дека власта во Македонија претставува најголемата опасност и закана за Охридскиот Регион“, рече Љутков.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ бара итно преземање одговорност за овој светски скандал, односно оставки на ресорните министри и раководни лица од оваа несовесна влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

