Македонија
(Видео) „Ќе го разреши ли Мицкоски вицепремиерот Фетаи поради непочитување на македонскиот јазик“, прашува СДСМ
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорача „историки резултати“ а наместо „горда Македонија“ коалициски партнери во Владата не го почитуваат ниту македонскиот јазик. На официјално обраќање, Вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик. Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски“, рече Јовица Јанковиќ, СДСМ.
„А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност. Прашањето е едноставно: за ова ли на Мицкоски му требаа 58 пратеници? За уште поголемо непочитување на македонскиот јазик и институциите?
Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо.
Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик.
Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи? Или функционерите од власта се недоприливи? Уште колку пати Мицкоски ќе каже нешто па ќе го порече?
Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик.
Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише.
Прашањето е зошто? И дали намерно не се формираше Инспекторатот за ова самоволие на функционерите од власта вака да поминува.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на сето ова се прават глуви и слепи, како ништо да не се случува.
Се колнеа во „македонштина“, се бореа против француски предлог и „асимилација“, а денес не можат ни да обезбедат почитување на македонскиот јазик во сопствената Влада.
Ова е суштината на лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски. Едно зборуваат, друго прават. Се колнеа во „патриотизам“, а денес македонскиот јазик – темел на нашиот идентитет – е понижен токму во Владата која тие ја водат.
СДСМ ќе продолжи гласно да се спротивставува на ова непочитување. Нема да дозволиме ниту молкот на Мицкоски, ниту ароганцијата на неговите коалициски партнери да ја избришат должноста на сите функционери да го почитуваат македонскиот јазик и граѓаните“, изјави Јанковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

