Македонија
(Видео) Џафери во увид на изградбата на коридорите: „Од денес па натаму граѓаните ќе може конкретно да ги видат активностите“
Премиерот Талат Џафери, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, придружувани од заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, денеска изврши увид во изградбата на автопатска делница на Коридорот 8, од Гостивар до Букојчани.
На средбата со претставници со изведувачот и со надзорот беа информирани со динамиката на изградбата на делниците на Коридорот 8.
„Од денес па натаму граѓаните ќе може конкретно да ги видат активностите од спроведувањето на проектот. Изведувачот на работите не е непознат имајќи предвид дека во регионот имаат реализирани вакви проекти, тоа е потврда дека навремено и квалитетно ќе ги завршат работите овде. Како Влада обезбедуваме предуслови за работите да течат непречено. Мислам дека сите сме имале можност да поминеме по патиштата што ги имаат изградено досега. Во тој контекст, не се сомневам за нивниот квалитет и капацитет да го направат најдоброто. Проектот ја опфаќа делницата Тетово – Гостивар – Кичево, Требениште – Ќафасан. На албанска страна веќе се работи делницата од Елбасан до границата, така што проектот за Коридорот 8 е врска меѓу Јадранот и Црното Море, што го прави овој Коридор од особена важност“, изјави претседателот на Владата, Џафери.
Министерот за транспорт и врски, Бочварски, изрази задоволство од динамиката на изградба и истакна дека Владата одобри инфраструктурни проекти за дел од трасите, со што на изведувачот му се отвори широк фронт за работа.
„Со изградбата на речиси 110 километри нови автопатски делници на Коридорот 8 и на Коридорот 10 д преку овој проект даваме дополнителен стимул во домашната економија и градежништвото. Имаме одличен напредок до сега. Владата веќе донесе одлуки за одобрување на инфраструктурните проекти на дел од трасите за Тетово – Гостивар – Букојчани и за Прилеп – Битола, што значи дека му отворивме голем фронт за работа на изведувачот. Изградбата на вакви крупни проекти не е лесна, на терен се појавуваат многу предизвици, но уверуваме дека сите максимално се вложуваме да ги постигнеме зацртаните цели на државата, а тоа е развојна, модерна и квалитетна патна мрежа“, изјави министерот Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, истакна дека дополнително очекува интензивирање на работите со отворање на градежната сезона.
„Почнати се видливи градежни активности, при што веќе интензивно се врши експропријација на земјиштето, а изведувачот работи и на проектирање, врши геотехнички и геомеханички истражни работи, како и други неопходни активности. Во моментот се работи на неколку позиции на делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, односно на делницата Гостивар – Букојчани, каде што се работи на ископ со минирање на главната траса, на земјени работи за поставување дробилка, на подготвителни активности за поставување бетонска база, на производство на префабрикувани елементи за изведба на пропуст кај реката Вардар, на изградба на сервисен пат, како и на поставување привремена сигнализација за сервисниот пат. Поодминати активности има и на делницата Тетово – Гостивар“, изјави директорот Рустеми.
Џош Бејкер, главен проект-менаџер од компанијата „Бехтел“, истакна дека имаат одлична комуникација и соработка со државата и институциите и отворен фронт за работа на повеќе точки.
„Нашиот тим во моментот брои повеќе од 450 вработени во ‘Бехтел и Енка’ и мило ми е што можам да истакнам дека повеќе од 50 % од тие вработени се луѓе од тука, од локалното население. До сега обезбедивме повеќе од 300 машини и тие работат на овој проект и очекувам тој број да се зголемува. Наша цел е да работиме што повеќе со домашните компании, во моментот имаме повеќе од 360 договори со компании подизведувачи, а над 75 % од тие фирми се од Северна Македонија. Веќе подолго време работиме на ископување на секцијата 2, како што може да видите зад нас, а од денеска вршиме ископувања и на секцијата 1, односно на трасата Тетово – Гостивар“, изјави Бејкер.
Изградбата на коридорите 8 и 10 д е стратешки проект на Северна Македонија заради интеграција во европските транспортни мрежи, како и за развој на домашната економија, велат од Владата.
Денешната работна посета на Гостивар се заокружи со увид во реконструкцијата на локалниот пат Здуње – Дебреше, проект што се реализира преку Министерството за транспорт и врски, со вкупна инвестиција од речиси 18 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска на нејзиниот роденден го доби Уверението за претседател, ДИК и’ посака успешен мандат
Државната изборна комисија и’ го издаде Уверението за избран претседател на Гордана Силјановска Давкова, која денес го прославува својот 71. роденден.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, врачувајќи и’ го Уверението на Давкова, од име на Комисијата и’ посака успешен мандат како шеф на државата.
Претходно, на седницата во ДИК беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на изборите на 8 мај.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47 отсто.
Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги отфрла неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.
Обидите на ДУИ да се сликаат како бранители на албанските права не се ништо друго туку фасада за прилепување до власта по секоја цена. Нивното искуство доволно говори за нивните вистински намери. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија.
Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби.
Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Ја повикуваме ДУИ конструктивно да се вклучи во демократските процеси наместо да прибегнува кон тактики на страв и манипулации.
Иднината на Македонија е во единството, а не во поделбата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија – ДИК објави конечни резултати од гласањето
Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од гласањето на претседателските избори на 8 мај, констатирајќи дека за претседател е избрана Гордана Силјановска Давкова, со 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација на Силјановска Давкова ќе и биде доделено во просториите на ДИК.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија. Претходно, оваа функција од осамостојувањето ја извршуваа Киро Гигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.