Македонија
Викендов традиционално искачување на Титов Врв
Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово триесет и осми пат го организира традиционалното искачување на Титов Врв, кое само по себе низ годините стана препознатлив планинарски бренд во земјава. Во текот на изминатите 37 искачувања на Титов Врв среќаваме бројка од 24 607 искачени планинари и планинарки. Со вакви настани нашата земја гради традиција која трае и нѐ претставува пред меѓународната јавност истакнувајќи ја грижата за здравјето и благосостојбата на населението, зачувувањето на природата и стремежот кон одржливо живеење и одржлив развој.
„Подготовките за настанот ги почнавме пред два месеца со испраќање покани до голем број планинарски друштва од Македонија и Балканот. Оваа година, поради променливите временски услови, очекуваме бројот на искачени планинари и планинарки да биде над 500. До сега за учество на настанот пријавени се речиси 400 планинари и планинарки од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово, БиХ, Хрватска и од Словенија“, изјави претседателот Јован Божиноски.
Тој соопшти дека годинешното искачување Планинарскиот клуб „Љуботен“ му го посветува на проф. Љупчо Меловски, кој беше голем вљубеник и познавач на Шар Планина, заштитник на животната средина и голем подржувач на активностите на клубот.
Искачувањето е закажано за 26 мај 2019 година. Во рамките на настанот, покрај искачувањето на Шара, на 25 мај ќе се спроведе акција за чистење смет во близина на хотелот „Попова Шапка“ #TrashTagChallenge, трибина на тема: „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите“, но и натпревар за брзо местење шатори и изложба.
Самото искачување ќе се одвива по маркираната планинарската патека „Вакуф“ (маркацијата е стандардна, дополнета со црвено-бели знаменца). Стартот е закажан за 6.30 часот пред платото на хотелот „Попова Шапка“. Патеката е средно тешка. Има вкупна должина од 14 км во еден правец и висинска разлика од 1.047 метри. Патеката се протега по тревна површина, по каменит предел и делумно е покриена со снег. Планираното просечно потребно време на искачувањето изнесува 4 часа. За враќање е потребно приближно исто време како и за искачувањето и тоа е закажано за 12 часот. Сите учесници и учеснички мора да се движат во организирана колона, водена од одговорните лица од ПК Љуботен (на ранците ќе имаат акредитации со ознака „организатор“). Овие лица ќе бидат распоредени и низ колоната, како и на самиот крај од неа. За секој проблем што може да настане, учесниците и учесничките се молат да им се обратат на овие лица. За искачувањето е потребно да се користи стандардна планинарска опрема за движење во зимски услови. Исхраната е сопствена, индивидуално предвидена за планинарска тура до 10 часа. Секој/а треба да биде во добра психофизичка кондиција. Координаторите на друштвата/клубовите и организираните здруженија задолжително да присуствуваат на состанокот со координаторите. Тие при пријавувањето ќе добијат акредитација. Координаторите на друштвата/клубовите и организираните здруженија се одговорни за пријавените членови од матичниот клуб и секој координатор потребно е да има обезбедено доволен број водичи сразмерно на бројот на пријавени учесници од матичните клубови во согласност со препораките на ФПСМ. Сите индивидуални лица што сакаат да земат учество на настанот мора да се приклучат кон одредено друштво/клуб и организирано здружение со формална пријава.
Настанот е дел од кампањата „ЕУ за тебе“, организирана од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

