Македонија
(Видео) Висар Вишка: Бобан Илиќ изврши убиство, oбвинението треба да гласи според доказите, а не според нечии интереси
„Протестираме за гнилата правда во Република Македонија, срамно е пред наши очи органите на правдата да го преквалификуваат случајот од убиство во ‘тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици’, но ние нема тоа да го дозволиме. Правда за Алмир мора да има“, порача актерот Висар Вишка на денешниот протест за смртта на Алмир.
Тој најави дека граѓаните ќе поднесат кривина пријава против обвинителката Сузана Кусигерска од Основното јавно обвинителство – Куманово поради, како што рече, намерно неизнесување на фактите и злоупотреба на функцијата. А одговорност ќе се бара и од неврохирурзите Бранислав Стојковски и Зора Бабиновска за вршење противзаконско вештачење, истакна Вишка.
„Бобан Илиќ изврши убиство. Обвинението треба да гласи според доказите, а не според нечии интереси“, рече Вишка.
На протестот граѓаните побараа одговорност од премиерот Зоран Заев и неговата влада, разрешување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, како и разрешување и одговорност на судијката Маја Денковска, која, според Вишка, не ги прифатила клучните докази за случајот.
„Разрешување мора да има и за сите јавни обвинители меѓу кои и Љубомир Јовевски. Јовевски не е реформа во македонското правосудство“, рече Вишка.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

