Македонија
Вкупно седуммина заразени од коронавирус, позитивни три лица од семејството на сопружниците од Дебар
Министерството за здравство информира дека од осумте тестирани пациенти на коронавирус попладнево, тројца членови на семејството на сопружниците од Дебарско се позитивни, а другите петмина се негативни на коронавирусот.
На денешната попладневна прес-конференција министерот Венко Филипче соопшти дека се испитуваат осум пациенти – еден пациент кој престојувал во Бугарија и неговата сопруга, патник од Сингапур, наш државјанин, кој се вратил дома, четири лица што биле во контакт со заразената двојка од Дебар и еден пациент од Гевгелија.
Како што информираат од ресорното Министерство, тројцата позитивни пациенти од 7 март се во домашна изолација, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Со ова вкупната бројка на заразени од коронавирусот во земјата достигна седум лица. Првата заразена е 50-годишна жена, повратник од Италија, потоа беше објавено за брачната двојка од Дебарско, а утрово беше потврдено дека позитивна на коронавирус е и директорката на Клиниката за кожни болести, Нина (Цаца) Биљановска.
За двајцата сопружници (62 и 68 години) беше објавено дека во земјата пристигнале од Бреша, северна Италија, на 27 февруари, а докторката Биљановска заболела од коронавирус бидејќи била на скијање во земјата што важи за жариште на вирусот во Европа.
Попладнево, Филипче обелодени дека 193 лица, кои биле во контакт со заразената докторка, се во 14-дневна домашна изолација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

