Македонија
Вкупно 2 700 основци и деца од градинките во Карпош добиле бесплатен очен преглед
Во Карпош финишираше проектот за проверка на видот, во чии рамки биле опфатени основците од сите десет училишта во рамки на општината, а во подоцнежната фаза и децата од сите градинки на територија на локалната самоуправа.
Бесплатните превентивни очни прегледи ги спровел Lions Club Kale преку проект во соработка со Lions District 132 Club Македонија и USAID. Во периодот од декември 2017 до 1 јуни годинава прегледани биле вкупно 2 700 деца.
„Примарна цел на овој проект е да се откријат евентуалните аномалии со слабиот вид кај најмладите уште во раната фаза и во таков случај, да се препорача посета на стручно медицинско лице – офталмолог, за понатамошен третман“, информираат од Општина Карпош од каде додаваат дека носител и иницијатор на проектот бил доктор Мики Филев, член на Советот на општината.
Општинските власти најавуваат дека локалната самоуправа и во новата учебна година интензивно ќе работи на зголемување на детската заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен ден на Клиниката за неврологија, превентивните прегледи се многу важни за навремено препознавање на симптомите на мозочниот удар
Министерот за здравство, Азир Алиу ја посети Клиниката за неврологија, каде беше организиран отворен ден по повод одбележување на Светскиот ден на мозочен удар – 29 октомври.
Во рамки на акцијата граѓаните имаа можност да извршат превентивен преглед и да добијат стручен совет за главните ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крв, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
-Здравствениот систем не го гледаме само како систем за лекување, туку и како систем за превенција и затоа деновите посветени на превентивни прегледи се многу важни за побрзо препознавање на симптомите на мозочен удар и поздрав начин на живеење и исхрана. Денеска сум фасциниран од инфраструктурата внатре на Клиниката за неврологија и активностите кои ги има директорот, бидејќи за кратко време успеа да се организира настанот и да се реорганизираат внатрешните процеси за да може да се оптимизираат услугите, посочи при посетата министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски информираше дека сите пациенти во рамки на денешниот ден ќе бидат прегледани на новиот доплер на каротидни артерии, оваа активност е во соработка и со Македонското невролошко здружение
-Денешниот отворен ден има едукативна цел, односно подигнување на јавната свест за мозочниот удар како болест која е една од најчестите по инциденца и причина за смрт, но исто така е и болест број еден во светот за инвалидитет, па и кај нас. Задоволство ми е што има навистина голем одѕив.
Во таа насока Клиниката за неврологија има обврска да го едуцира населението за мозочниот удар, за најчестите симптоми и третман, рече д-р Божиновски.
Годинешното мотото за одбележување на овој ден е „Мозочниот удар се лекува“.
Македонија
Митески: Аеродром ќе добие нова спортска сала, зад ФФМ со неколку спортски терени
Спортот добива нов дом во Аеродром.
„Со министерот за спорт – Борко Ристовски најавуваме изградба на нова спортска сала во Аеродром, во вредност од повеќе од 1 милион еврa и со поддршка од Министерството за Спорт и Владата“, објави кандидатот за градоначалник, Дејан Митески.
Салата, како што најави, ќе биде лоцирана зад ФФМ, ќе содржи неколку спортски терени и ќе биде вистински поттик за младите генерации да се занимаваат со спорт.
Македонија
Филипче: Ацо Велковски е човек со дела зад себе, победата во Лозово е на дофат
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешните средби со граѓани од Лозово, порача дека кандидатот за градоначалник од СДСМ за Лозово, Ацо Велковски, е човек кој со своите дела покажа како треба да се развива оваа општина. Филипче потсети дека Велковски во претходниот мандат од 2017 до 2021 година, реализираше проекти кои беа во интерес на граѓаните и напредокот на општината.
“Се изгради нова општинска зграда, градинка, реновирано е училиштето, паркот. Во тој период во Лозово имаше визија, имаше напредок и тоа граѓаните го чувствуваат. И затоа е Ацо повторно кандидат за градоначалник”, рече Филипче.
Од друга страна како што кажа Филипче, актуелниот градоначалник буквално ништо не презема за општината и за граѓаните.
“Нема никаква капитална инвестиција, нема продолжување на близу 50-тина проекти коишто во тоа време остана незавршени. Така што сум прилично сигурен дека граѓаните ќе можат да ја почувствуваат разликата, знаат што значи да имаат градоначалник кој работи отворено, транспарентно, кој ја унапредува општината, кој го прави животот полесен, попријатен и поубав. Тука каде што свое место наоѓаат младите, пензионерите, земјоделците, сите категории на граѓани кои живеат во оваа општина”, рече Филипче.
Тој додаде дека во општина Лозово, СДСМ во вториот круг, има поддршка и од коалициските партнери и од еден од независните кандидати, од првиот круг на изборите.
„Им благодарам за поддршката и мислам дека победата тука во Лозово е на дофат“ , рече Филипче.

