Македонија
Вкупно 56 потврдени случаи на голема кашлица, во следните недели се очекува зголемен број кај повозрасните
По денешниот редовен состанок на Комисијата за заразни болести, претседателот Александар Петличковски рече дека состојбата со големата кашлица е под контрола, но не е стабилна, бидејќи сѐ уште има пораст на потврдени случаи.
„До денеска се потврдени вкупно 56 случаи. Од нив, 14 се деца под една година, а 9 дополнително се на возраст од 1 до 4 години. Од вкупниот број, 16 се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани. Сега се појавуваат адолесценти, деца на возраст од 10 до 14 години и повозрасни и, веројатно, во текот на следните недели ќе има промена на демографската структура на позитивните случаи, очекуваме кај повозрасните да се потврдува почесто оваа болест“, рече Петличковски.
Тој потенцира дека најголемата грижа е спречување ширење на инфекцијата кај малите деца оти тие се најризични.
Останува препораката за надополнување на пропуштените вакцинални дози. Од 18 јанури до 14 февруари вкупно се вакцинирани над 13 илјади деца.
Според Петличковски, болеста пертусис за возрасни луѓе не е тешка болест и за неа има достапен лек и нема потреба од страв.
„Возрасните луѓе како преносители за малите луѓе се опасни и затоа се размислува и препорачува и нивна заштита, со вакцина и со хемопрофилакса, односно антибиотик. Вакцини за возрасни во моментот нема, но прашање на ден е за да се набават. Има најава дека ќе пристигнат многу бргу. Таа вакцина за возрасни е истата што се препорачува и за трудници“, објасни Петличковски.
Од 56 потврдени случаи, 46 се од Скопје, а има и во Тетово, Куманово и во Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

