Македонија
Владата ги повика граѓанските организации да ги мониторираат јавните набавки
Владата го повикува граѓанскиот сектор во мониторирање на процедурите за јавни набавки со цел тие да бидат целосно заштитени од можности за злоупотреби. На прес-конференција во Владата, министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со директорите на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата и „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), Пеце Мирчески и Драган Миновски, ги повикаа граѓанските организации да се вклучат во мониторингот на јавните набавки.
„Во оваа една година на Владата, за разлика од огромната нетранспарентност и злоупотреби на претходната власт во оваа сфера, со концептот „Отворена Влада“ се отворивме целосно кон граѓаните, имаме политика на максимална транспарентност и отчетност, ги објавуваме сите документи на интернет за да се отстранат какви било сомнежи како се спроведуваат постапките и процедурите“, истакна министерот Поповски, кој исто така рече дека борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата не само за напредокот во евроинтеграциите туку и воопшто за унапредување на одговорното и демократско владеење и подигнување на квалитетот на животот во земјата за сите граѓани.
Поповски истакна дека целта на Владата е процедурите за јавни набавки да бидат целосно заштитени од можностите од злоупотреби и со јавна контрола да се заштитат парите на граѓаните објаснувајќи дека граѓанските организации ќе имаат можност да се вклучат во процесот од самиот почеток и во сите фази на одлучување и спроведување на постапката за јавна набавка до склучување на договорот со избраните понудувачи.
„Затоа, денеска, од овде апелирам до сите граѓански организации во Република Македонија да ја поддржат оваа наша заедничка акција. Да се вклучат со своите капацитети за да добиеме поуспешен и посеопфатен процес. Нема поважно нешто од правилното искористување на буџетот и парите на граѓаните доколку сакаме Македонија да се развива и да оди напред. Нашите вредни граѓани го заслужуваат тоа и ништо помалку!“, рече Поповски додавајќи дека трите институции, Министерството за здравство, СОЗР и ЕЛЕМ, веќе имале контакти со граѓански организации.
Поповски посебно истакна дека целта на Владата е овој процес да ги опфати и сите други институции за кои граѓанскиот сектор што има познавања и експертиза за оваа област ќе покаже интерес. Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека во насока на рационалност, ефикасност и транспарентност во спроведувањето на јавните набавки и ова Министерство ги отвора вратите на граѓанските и невладините организации за целосен увид во тендерските постапки. Тој информира дека во следниот период ќе следува соработка со стручни лица од граѓанскиот сектор, кои ќе извршат анализа на ризиците од корупција во јавните набавки во Министерството.
„Со увид на ризик-факторите при процесот на јавните набавки, ќе се намали и ризикот од судир на интереси. Целта е навремено согледување на ризиците и судирот на интереси во насока на спречување на непотизам и блиски релации со компании и пријатели“, рече министерот Филипче додавајќи дека се прават анализи за промени во постапките, процена на потребните количини лекови за да се намали потребата од интервентен увоз, како и за начини на штедење неколку милиони евра на граѓаните и создавање подобри услови за пациентите со систем на централна набавка на реагенси.
Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, посочи дека како најголема компанија во државна сопственост и еден од најзначајните столбови во економијата, фирмата е должна да биде отчетна и транспарентна во поглед на трошењето за потребите на компанијата и за производствениот процес на електрична енергија, што се поклопува со владините политики на максимална отвореност за информации во врска со тендерските постапки и набавките кон невладините организации, медиумите, но и кон сите што би побарале увид по кој било основ.
Миновски информира дека со група невладини организации што ги следат јавните набавки имале состанок на кој е изразена подготвеност за максимална отвореност. Истовремено, тој оцени дека во процесот е потребно партнерство, доверливост и неизнесување на податоците на трети страни до крајот на постапката, со цел да не ѝ се наштети на конкурентноста во неа.
„Нашата основна цел е да имаме фер, чесен и конкурентен процес на јавни набавки, преку кој би обезбедиле што поквалитетна услуга или производи потребни за нашето функционирање и нашиот производствен процес за што поповолна цена и услови“, потенцира Миновски.
„Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија е силно посветена да постави стандарди за отвореност, транспарентност и отчетност во своето работење. Како во изминатата година, така и во иднина сите јавни набавки што ги прави службата ќе се реализираат со строго почитување на законските процедури, водени од начелата на транспарентност и отчетност. Со тоа ја елиминираме можноста за мито и корупција, како и за местење тендери, што било одлика во некое претходно време“, рече директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски.
Нагласувајќи дека во иднина во постапките нема да има практики на провизии и приоритетни доставувачи, Мирчевски рече: „За да докажеме дека овие наши заложби се искрени, првпат ги отвораме вратите и ги покануваме граѓаните преку граѓанските организации да вршат мониторинг на сите јавни набавки што ги спроведува Службата за општи и заеднички работи. Само така граѓаните ќе може да се уверат дека работиме одговорно и посветено штитејќи ги јавниот интерес и парите на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Реконструкција на улицата ,,Светозар Марковиќ”, нов асфалт, тротоари и канализација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ“ во населбата Ново Маало.
Реконструкцијата на улицата опфаќа површина од 1.310 м² и должина од 210 метри. Во моментот на терен се поставува нов асфалт.
„Во Центар се реализираат конкретни проекти, со стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор поблиску кон поразвиена и побезбедна општина. Реконструкцијата на улицата ,,Светозар Марковиќ„ ќе овозможи полесно движење за граѓаните и безбеден сообраќај, воедно ќе придонесе за поуреден изглед на населбата“, посочи Герасимовски.
Реконструкцијата предвидува проширување на улицата, нови рабници и тротоари, ново улично осветлување и поставување атмосферска и фекална канализација.
„Во Општина Центар активно се работи на подобрување на инфраструктурата.Во тек е реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, а наскоро ќе а започнат градежните работи за реконструирање на вториот дел од улицата „Ленинова“
Македонија
Што ќе рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте за Адамовиќ, Стоиљковиќ и врските со Русија, прашуваат од СДСМ
Со своите државнички политики СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата – за помалку од две години. Со тоа обезбедивме трајна безбедност и сигурност за државата и граѓаните, истакнуваат од опозициската партија.
„Благодарение на таа посветеност и сериозна политика што ја води СДСМ, денес во овие тешки времиња што го погодија светот, граѓаните на Македонија се помирни, побезбедни и побезгрижни.
Генералениот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска доаѓа во посета на Македонија.
Прашањето е што ќе рече генералниот секретар на НАТО за назначувањето на почесниот конзул Душан Адамовиќ и за најблискиот соработник на Мицкоски- вицепремиерот Иван Стоиљковиќ кои имаат блиски врски со Русија“.
Прашуваат дали е тоа соодветно за земја членка на НАТО?
„Со денови прашуваме и нема одговор од Мицкоски за неговите врски со Душан Адамовиќ и по кои критериуми на седница на Влада го избра својот пријател за почесен конзул на Македонија во Србија.
За неговите ставови дека „Српска Македонија“ била окупирана, за бројните криминални афери со кои се поврзува, за неговите високи позиции во СНС – сестринската партија на ВМРО како и за неговите врски со Русија.
Нема одговори“.
Нема одговори, како што велат ниту за прославите на првиот соработник на Мицкоски во Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, со „Ноќните волци“ блиски на Путин.
Дали ваквите кадри ја зајакнуваат или ја компромитираат нашата позиција во Алијансата и на меѓународен план“.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.

