Македонија
Владата ги уверува граѓаните што сакаат да се вратат во земјата дека нема место за паника и загриженост
Владата редовно ја информира јавноста за начинот и организацијата како се вршат активностите за враќање на македонските граѓани што се најдоа во странски земји и прифаќањето во нашата држава за време на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот. Место за паника и загриженост не треба да има бидејќи целата процедура се спроведува преку постапки и договори – од транспортот (авионски и автобуски) до нашата држава, превозот до објектот/хотел утврден како државен карантин и сместувањето во државниот карантин.
Организирање авионски превоз и пристигнување во нашата држава
Владата донесе уредба преку која граѓаните што пристигнуваат на граничните премини за влез во земјата ќе бидат транспортирани до државните карантини секој ден во 10 и во 20 часот. Затоа, Владата апелира до граѓаните кои мора да допатуваат во земјата да ги планираат своите пристигнувања на граничните премини непосредно пред посочените термини со цел да не се создава метеж и чекање.

За организираните летови Владата објавува јавни повици за организирање авионски превоз за македонските државјани што се во странство, а сакаат да се вратат во земјата. Повиците се подготвуваат по претходно добиена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментен престој во странство, а критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена.
Секој македонски граѓанин, кој се враќа во нашата земја со превозот организиран од Владата, има обврска самостојно да го плати авионскиот лет и за веќе утврдената процедура запознаени се сите патници.
Цената на летот од патник се дефинира кога ќе се затвори листата на патници од авион, а цената на летот се дели со бројот на патници и така се утврдува конечната цена што секој патник е должен да ја плати кога ќе пристигне во државата. За условите под кои се организираат овие летови, сите наши граѓани затекнати во други држави навреме и детаљно се информирани.
Ден претходно граѓаните што се враќаат во државата се контактирани од Министерството за надворешни работи и ги добиваат сите информации во врска со превозот и со државниот карантин, вклучително и цената и условите за превозот.
Сместување во државен карантин без никаков финансиски надомест
Еден од условите за спроведување на овие летови е обврската на граѓаните да потпишат договор за исполнување на нивниот дел од обврските и да прифатат да бидат сместени во државен карантин во објект што го обезбедува Владата, без никаков финансиски надомест, како и да ги намират трошоците за авионскиот превоз.

Транспорт од аеродромот до локацијата за државен карантин во безбеден и строго контролиран автобуски превоз
При слетувањето на аеродромот патниците добиваат информација кон кој број на автобус треба да се упатат и на која локација со обезбеден државен карантин ќе бидат превезени.
Автобусите се со дезинфицирана внатрешност од страна на сертифицирана компанија, обезбедени со полициска придружба, а возачите се со целосна заштитна опрема и скафандери. За граѓаните има обезбедено закуска и вода.
Сместување во безбедни и строго контролирани државни карантини
За нашите граѓани обезбедено е сместување во безбедни и строго контролирани државни карантини со капацитет од 2.104 легла во моментот во целата држава, во 19 сместувачки објекти. За секој граѓанин сместен во државен карантински објект, направена е епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект, кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван од полицијата и војската.
Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти собата во која престојува, не смее да го напушти ниту објектот. Овие граѓани не се закана за никого.
Владата објави јавен повик за изразување интерес за сите хотели во државата што имаат повеќе од 50 легла, а хотелите што ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин кој ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.
Напуштање на објектите определени за државен карантин
Нашите граѓани сместени во објектите определени за државен карантин ги напуштаат 14-тиот ден од сместувањето. Тие ги напуштаат објектите со сопствен превоз или превоз што самите го имаат обезбедено.
Вработени во МВР и АРСМ, кои се задолжени за спроведување на редот и дисциплината во објектите, го воспоставуваат редот и на напуштање, при што лицата се отпуштаат според бројот на собата во која се сместени, без да дојде во контакт помеѓу сместените лица, односно соба по соба. При напуштање на објектите секое лице добива потврда дека бил сместен во карантин, потпишана од генералниот секретар на Владата и од објектот во кој биле сместени.
Превоз од објектите за државен карантин до локацијата за самоизолација
Отпуштањето на лицата сместени во објекти во државен карантин се врши по стапување во сила на полицискиот час, со цел полесно контролирање на движењето на лицата што го напуштаат објектот, за нивна и за безбедност на другите.
МВР ги најавува сите возила со кои се врши превоз на лицата што се отпуштаат од државниот карантин, со цел непречено движење до објектот каде што лицето ќе биде во самоизолација.
Лицето што го напушта објектот за државен карантин се превезува сам во возилото или заедно со лицето со кое било во соба, на задното седиште во превозното средство, во случај кога возилото го управува друг, при што сите лица во возилото задолжително носат заштитна маска и ракавици. Не е дозволено превезување повеќе лица (групирање) заради користење заеднички превоз, освен кога станува збор за семејство, кое самоизолацијата ќе ја вршат на иста адреса.
Задолжителна самоизолација во траење на 14 дена по напуштањето на државниот карантин
Лицата што го напуштаат државниот карантин задолжително спроведуваат самоизолација во траење 14 дена во согласност со упатството за спроведување државен карантин по донесена одлука на Владата.
При напуштање на државниот карантин лицата потпишуваат два примерока од изјавата за самоизолација (еден за Министерство за здравство, втор за Министерството за внатрешни работи), на кои се потпишуваат одговорниот лекар присутен за време на напуштањето и одговорниот од МВР. Пред напуштање на државниот карантин се врши проверка на здравјето на лицата сместени во државен карантин и доколку се утврдат симптоми на Ковид-19, се постапува во согласност со донесените протоколи од Министерството за здравство.
Здравјето на граѓаните е најважно
Здравјето на граѓаните и неговата заштита во оваа ситуација се најважни, важно е и нашите граѓани што биле во странство да се прифатени во Северна Македонија на највисоко ниво, затоа Владата секојдневно носи мерки, препораки, заклучоци и уредби, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и да им помогне да го сочуваат здравјето. Во оваа насока се и построгите ограничувања на движењето на граѓаните за да имаме помалку новозаболени и починати, сè повеќе излекувани и побргу како земја да излеземе од кризата со коронавирусот, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

