Македонија
Владата ги усвои материјалите за регулирање на односите со Европската комисија
На денешната владина седница, усвоени се материјали за регулирање на односите со Европската комисија.
На предлог на Министерството за внатрешни работи беше разгледан и усвоен предлог – законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија застапувана од Владата, за посебните постапки за спроведување на финансиска помош од Унијата за Република Северна Македонија според Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).
Рамковната спогодба за финансиско партнерство за ИПА III претставува најважен акт со кој се регулираат односите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската комисија во спроведувањето на ИПА III, а произлегува од регулативи на Европската Унија кои треба директно да се применуваат по склучувањето и влегувањето во сила на оваа спогодба.
Регулативата за ИПА III има за цел да ги поддржи корисниците на ИПА III за донесување и спроведување на политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи што се бараат од корисниците со цел да се усогласат со вредностите на Унијата и постепено да се усогласуваат со правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата („acquis”), со цел членство во Унијата, придонесувајќи со тоа за нивната стабилност, безбедност и просперитет.
Секретаријатот за европски прашања се определува како надлежен орган на државната управа што ќе се грижи за извршувањето на Рамковната спогодба.
На денешната седница беше разгледана и усвоена и Информацијата за Секторската спогодба помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Владата и Европската комисија за воспоставување на одредбите за управување и спроведување на финансиската помош на Унијата за Република Северна Македонија од Инструментот за претпристапна помош во областа на соработка Земјоделство и рурален развој (ИПАРД III).
Беше прифатен усогласениот текст на Секторската спогодба и притоа е овластен заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, во име на Владата на Република Северна Македонија, да ја потпише истата.
Со потпишување на Секторската спогодбата за ИПАРД III ќе се заокружи основната правна рамка за ИПА III, од особена важноста за областа Земјоделство и рурален развој (ИПАРД III), со што ќе се овозможи натамошно потпишување на годишните спогодби за финансирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

