Македонија
Владата го задолжи МВР да го ажурира избирачкиот список, Чулев гласал против
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да го ажурира избирачкиот список. На седницата на Владата единствен кој гласаше против оваа уредба беше министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, соопштија од владината прес-служба.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 64. седница донесе уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба“, соопштија од Владата.
Исто така, МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба.
„Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. Согласно уредбата, основните судови и управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила. Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно изборниот законик“, се наведува во соопштението.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, велат од Владата, Државната изборна комисија е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно изборниот законик.
Со оваа уредба Министерството за здравство е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

