Македонија
Владата го започна чествувањето во знак на почит кон загинатите армиски резервисти кај Карпалак

Владата на Република Северна Македонија, претставена од Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата, во Прилеп, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“ со положување цвеќе и оддавање почит го започна одбележувањето на 21-годишнина од загинувањето на десет армиски припадници кај месноста Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година.
Советникот Василевски во име на Владата, во чест на споменот на армиските резервисти Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, вечерва положи цвеќе и на спомен обележјето во село Лениште и присуствуваше на вечерната богослужба во манастирот „Св. Петка“.
Чествувањето во спомен на загинатите бранители продолжува утре, на 8 август, со посета и оддавање почит на споменикот во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, како и во Прилеп, со положување цвеќе на нивните вечни почивалишта, со панихида во црквата „Света Петка“ и пред комплексот „Карпалак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Раководството на сметководственото биро Левица го покажа вистинското лице, над 2 милиони денари ставиле во џеб

Раководството на сметководственото биро Левица го покажа вистинското лице, над 2 милиони денари ставиле во сопствениот џеб. Апасиев, Мојсоска, Мециновиќ, Крмов и Исмаил, кои како главни ликови од Левица, додека продаваат некаква скромност и неподмитливост во јавноста, си инкасирале во своите џебови над 2 милиони денари од Левица, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Президиумот на Левица, односно луѓето кои се пратеници во македонското собрание, водат кампања против своите колеги за добивање законски средства на патни трошоци, а истите од својата партија си повлекуваат слични суми кои се налик на патни трошоци, во вредност над 2 милиони денари.
Дали Левица е политичка партија или сметководствено биро? Дали средствата кои ги добивале раководството на Левица, ги добивале затоа што се сметководители или затоа што земале партиски патни трошоци, прашува Манасиевски.
Вистинскиот проблем, како што вели, е што тие се претставуваат како скромни, неподмитливи и народни.
„Не е проблемот во тоа што земаат средства од својата политичка партија, проблемот е што се дволични. Пред камерите едно, зад нив друго.
Лажното претставување на раководството на Левица е демаскирано“.
Македонија
Мицкоски: Некои од судиите и од обвинителите не ја заслужуваат ниту оваа плата

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на реакцијата на судиите и обвинителите за ставот дека нивните плати не се заслужени и обвинувањата од опозицијата за блокирање на процесот на реформската агенда во правосудството, изјави дека на цела македонска јавност и стана јасно дека, не зборуваме за суштински реформи во Судството и Обвинителството, туку зборуваме за зголемување на буџетите, со цел зголемување на платите.
„Тоа е реформата, и добро е што сега македонската јавност може да суди. Дали овие коишто, не зборам за сите, ќе повторам, еве нека ми простат, има и такви коишто си ја вршат својата работа согласно со Закон и Устав, но има мал дел коишто го загрозуваат овој процес, и обвинители и судии, коишто не ја заслужуваат ниту оваа плата којашто ја земаат.
Дали ние ќе одвоиме, да речеме два пати повеќе, од некои многу поразвиени земји членки во Европската Унија, еве оставам јавноста и граѓаните да судат, за платите на судиите и обвинителите. Тоа е суштината. Значи ние континуирано зборуваме за зголемување на платите на судиите и обвинителите“.
Мицкоски додаде дека никој не е против измените во Законот за обвинителска и судска служба.
„Тие се два закони. Каде што за администрацијата, за вработените во судовите и обвинителствата ќе ги зголемиме платите. И тоа ќе го направиме, и тоа е дел од преговорите што ги водиме со синдикатите и ние сме подготвени тоа да го направиме. Тука никој нема против и тоа ќе го направиме, затоа што дискрепанцата е пет, седум спрема еден, помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии. И ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат таму по Брисел и каде одат, дека Владата не им ги зголемува платите. Еве јавноста нека суди и тие во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата, наместо да се борат против корупцијата, ја заслужуваат оваа плата“.
Јас не очекувам од тие, коишто ги поставуваа овие судии и обвинители, додаде Мицкоски, да имаат поинаков став од тој којшто го имаат, заштитнички.
„Ние како Влада еве 15 месеци сме избрани, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен, тоа е владеење на право. Општините четири години, каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен.
Кој ги брани обвинителите и судиите. Тоа се најчесто оние политичари коишто доаѓаат од Мала Речица или од Бихачка, бидејќи тие се нивниот последен бастион за одбрана од криминалот и корупцијата во минатото. Затоа што се свесни и исплашени, тоа е многу важно, исплашени, дека оној шверцерски закон којшто го протнаа со европско знаме во Парламентот, не е доволен да се спасат. И дека има и други одредби коишто го препознаваат нивниот криминал. И за којшто тие треба да дадат отчет“.
Како што рече, со овие судии и обвинители, правдата е невозможна.
„Затоа после локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките. Без разлика какви и да се критиките, мора да имаме обвинители коишто обвинуваат и судии коишто судат според Закон и Устав.“
Македонија
Спирометрија, ЕКГ и други испитувања денес и утре ќе им се прават на жителите на Трубарево: многумина одбија да се евакуираат за време на пожарот, вели министерот Алиу

Денес и утре, во периодот од 10 до 16 часот, две екипи од Клиниката за пулмологија со амбулантни возила ќе им прават проверка на дишните патишта на жителите на Трубарево и околината по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу вели дека за скринингот подготвиле прецизно утврден протокол.
„Скринингот го правиме затоа што сакаме како Министерство и како институции да бидеме сигурни дека граѓаните што се движат во тој регион немаат здравствени проблеми со дишните патишта. И тогаш некои од нив не сакаа да се евакуираат привремено надвор од тој простор, блиску до пожарот. По скринингот, в сабота и в недела, ако лекарите утврдат дека има потреба понатаму да се третираат нашите граѓани, тие ќе се третираат тука, на Клиниката за пулмологија. Идејата на скринингот е, прво, да бидеме сигурни дека граѓаните од тој дел немаат таков тип на проблеми, а второ, ако имаат, навреме да се интервенира од наша страна. Тоа е надлежност на нашето Министерство и ние мора да се грижиме и навремено да спречиме ако има нешто кај оваа популација“, рече министерот Алиу.
Амбулантните возила со екипите од Пулмологија се поставени пред маркетот „Бренд“ и во близина на маркетот „Флорида“ во Трубарево. На преглед може да дојдат сите жители на Трубарево и околните населени места, особено оние што забележуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми на заболување на дишните патишта. Мобилните екипи во амбулантните возила ќе им направат комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други испитувања потребни за проверка на состојбата на дишните патишта.