Македонија
Владата го назначи Зарко Милошевски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност
Владата на денешната седница го назначи Зарко Милошевски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност.
Милошевски на позицијата директор доаѓа од позиција на помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во Агенцијата за национална безбедност, каде има и претходно повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на Одделот, но и во организирање и раководење со ресурсите на организационата единица за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот.
„Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот.
Милошевски своето професионално доусовршување го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

