Македонија
Владата го разгледа извештајот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање
Владата на денешната седница го разгледа Извештајoт во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно Јавниот оглас број 3/2022 објавен од М-НАВ на 28.7.2022 година, од Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје.
На седницата беа образложени активностите коишто се спроведени од страна на М-НАВ АД Скопје во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно јавниот оглас.
Од страна на претставниците на М-НАВ АД Скопје беше информирано дека постапката е реализирана согласно законски утврдени процедури, дека селектираните кандидати, кои се и вработени во М-НАВ АД Скопје, имаат положено селекциски тестови според меѓународни стандарди, а за нивната професионална стручност зборува и фактот што по положените тестови, може да конкурираат за работа и во која било друга странска држава.
До Владата беа доставени информации за: утврдување на потреба за регрутирање и селекција на кандидатите, при што е посочено дека е согласно Годишниот план за работа на М-НАВ АД Скопје и Планот за јавни набавки на М-НАВ за 2022 година; за спроведувањето на јавната набавка и склучениот договор со економскиот оператор GATE Aviation Training APS од Данска, за селекција, почетна обука и обука за ADI TWR рејтинг за осум кандидати за контролори за летање; беше објаснето дека регрутацијата и селекцијата на кандидати за контролори на летање е реализирана согласно донесен Акционен план, со цел, како што беше објаснето, овозможување на сите инволвирани поедноставно следење на временските рамки на процесите поврзани со регрутација и селекција на кандидати за контролори на летање. Доставени се и информации околу објавувањето јавен оглас; селекцијата на кандидати за контролори на летање, за што бил изготвен временски план и била спроведена селекција во соработка со ангажираниот економскиот оператор GATE Aviation Training APS со доставување предлог ранг листа на најуспешни кандидати, околу тестот за претселекција и тестирањето со FEAST тестот (First European Air Traffic Controller Selection Test), пришто FEAST II тестот и потоа FEAST III тестот го положиле тринаесетмина кандидати. Од нив, како што е информирано, за осумтемина кои се стекнале и со лекарско уверение, биле дадени насоки за вработување и нивно упатување на школување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

