Македонија
Владата размислува да ги даночи немажените и неженетите, рече Мицкоски
Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски говорејќи дека е време за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.
Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.
Факти што, според Мицкоски, не смее да се игнорираат:
– Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
– Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;
– Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;
– Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;
– Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот“
Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.
„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини, каде што се простуваат мајки и синови“.
Се размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети
Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.
„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и за неженети“, додаде тој.
Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но, исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди“.
„Време е за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“
„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“.
На крајот го цитира филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.

