Македонија
Владата тврди – трошоците во бифеата се за работните состаноци во министерствата
Владата покажува пример за отчетно работење посветено на потребите на граѓаните. Додека во минатото граѓаните прашуваа на што се трошат нивните пари, а власта молчеше, денес институциите самостојно објавуваат за какви цели се користат буџетските средства. Наместо тајни и високи сметки за непродуктивни трошоци, денес во јавните извештаи стојат информации од бифеата во институциите, за искористени кафиња, чаеви и води за работни состаноци со членови на комисии, работни групи, граѓани, претставници на синдикати, компании, здруженија, меѓународни организации, амбасади и др., се вели во соопштението на Владата.
Во него се наведува дека во дел од министерствата сите вакви трошоци се одобрени и потпишани од министрите, пријавени во извештаите за отчетност, а се користени од голем број административни службеници и граѓани исклучиво за потребите на работните состаноци за реализација на програмата на Владата. Ова е причината зошто кај некои носители на јавни функции трошоците за угостителски услуги се повисоки во однос на другите. Со потписот на дел од министрите, одобрувани се трошоците направени во бифеата на сите раководители во институцијата, а вкупниот износ е претставен во алатката за отчетност, во ставката угостителски услуги, како службен трошок на функционерот, велат од Влада.
Министрите, заменик-министрите, државните секретари, генералниот секретар и премиерот во сегашната Владата во првите шест месеци реализирале речиси трипати помалку трошоци во надворешни угостителски објекти (1.008.057 денари), во споредба со функционерите на претходната власт (2.858.244 денари). Двојно помалку се направени трошоци во угостителски објекти во странство (733.552 денари во првите шест месеци од Владата во 2014 година, наспроти 345.989 во првите шест месеци од Владата во 2017 година).
„Во тековниов период, на иницијатива на министерствата и Владата се прават дополнителни заштеди на трошоците во бифеата, имајќи предвид дека Службата за општи и заеднички работи склучи договори со два нови оператори кои обезбедуваат пониски цени за пијалаците, во споредба со наследените договори од претходната власт. Владата се фокусира целосно на насочување на парите кон граѓаните и воведува нова политичка пракса каде што отчетноста, рационалноста и продуктивноста се на прво место. Ваквиот принцип на раководење со институциите води кон намалување на трошоците коишто се прават за службени потреби во рамки на активностите на институциите. Рационалноста и отчетноста се главната причина зошто министрите, заменик-министрите и државните секретари од оваа Влада имаат потрошено речиси два и пол пати помалку буџетски средства за службени цели, во споредба со функционерите од Владата во 2014 година“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

