Македонија
Владата ја укина забраната за летови од Велика Британија

Владата на седница донесе одлука за укинување на забраната за авионските летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија, соопштуваат од владината прес-служба.
Заедно со мерката, воведена како превентива против ширењето на новиот вид коронавирусот откриен во Британија, укината е и задолжителната мерка за самоизолација на патниците што доаѓаат од овие дестинации.
Ограничувањата беа воведени пред девет дена, на 21 декември, со важност до крајот на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нови можности за економска соработка со Франција: Деловниот клуб при СКСМ со ново раководство и план за 2025

Деловниот клуб за соработка со Франција и франкофонските земји при Стопанската комора на Северна Македонија денеска избра ново раководство и ја усвои програмата за работа за 2025 година. За претседател на Клубот едногласно беше изгласан Гоце Марков од „Тиквеш“, а членовите се согласија на активности насочени кон јакнење на деловните врски со француските партнери.
На седницата присуствуваа компаниите членки на Клубот, како и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.
Амбасадорот Ле Риголер истакна дека, иако француското економско присуство во Северна Македонија е скромно, интересот за инвестиции е зголемен.
„Постои потенцијал за унапредување на соработката. Искажувам благодарност до Стопанската комора и нејзиниот претседател за оваа иницијатива. Да ги зголемиме економските врски меѓу двете земји. Иако не сме отсутни, нашето присуство е на скромно ниво, што не соодветствува со високото ниво на билатералните односи меѓу Франција и Северна Македонија“, нагласи амбасадорот.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, потенцираше дека како најголема бизнис-асоцијација Комората е посветена на поттикнување на меѓународната економска соработка и обезбедување нови можности за македонските компании.
„Нам ни треба здружување и заеднички настап на пазарите, а од Француската амбасада очекуваме максимална поддршка во процесот на градење посилни економски врски. Македонските компании и иноватори се подготвени и мотивирани за настап на европските пазари, користејќи ја својата конкурентност и иновативност за постигнување поголем успех“, изјави Азески.
Во Деловниот клуб членуваат македонски и француски компании, и неговата основна цел е да биде место за размена на искуства и добри практики, и воедно да им помага на македонските, француските и франкофонските компании подобро да ги разменат нивните идеи, размислувања со цел да се здружат и заеднички да настапуваат на трети пазари, како и да придонесат за привлекување на нови инвеститори и компании кои успешно ќе работат овде.
Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје од 5-ти до 7-ми март

СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 05.03.2025 до 07.03.2025 (среда, четврток и петок) поради официјална посета на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Скопје
Огромна гранка падна врз дете во Карпош кое се здобило со повреди на телото

Малолетно дете е повредено предмалку во Карпош откако се откорнала голема гранка од дрво.
„За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје. Во конкретниот случај е повреден еден малолетник кој случајно поминувал во паркот измеѓу улицата Никола Русински и Карпошево Востание и врз него паднало дрво. За жал малолетникот има повреди на телото. Пренесен е во Ургентен центар“, посочуваат од Општина Карпош.
„Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“, додаваат од Општината.
Општина Карпош бара Министерството за внатрешни работи да го документира овој немил настан, да се утврди одговорноста и за истата да се сносат правни последици.
„Општина Карпош уште еднаш јавно предупредува дека вакви немили настани ќе ни се случат и во градинките како резултат на тоа што Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние кои веќе заминале во пензија. Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност. Здравјето и безбедноста на децата немаат цена“, завршуваат од Општина Карпош.