Македонија
Шар Планина и Осоговските Планини ќе бидат прогласени за заштитени подрачја
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека на денешната седница на Владата беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини.
„Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.
Согласно законската процедура за прогласување заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации“, соопшти Министерството.
„Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување екосистемски услуги и екотуризам“, рече министерот Насер Нуредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општините го воспоставија Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион
Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион денес, во Скопје, одржаа конститутивна седница и официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) – формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад. Со ова, државата прави решителен чекор кон воведување модерен, координиран систем за управување со отпад по европски стандарди.
На настанот се обратија Златко Перински, министер за локална самоуправа, Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС, Игор Никовски, директор на Управата за животна средина и Лена Фалкон, програмски директор во SALAR International.
Веднаш по поздравните обраќања, свечено се потпиша договорот за воспоставување на МОУО. Со воспоставувањето на МОУО, општините прават јасен премин од досегашните ад-хок и фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира во подобра организација, поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни услуги и поголема сигурност за граѓаните. Овој системски пристап е суштински за да се обезбеди конзистентно, транспарентно и професионално управување со отпадот, усогласено со домашното законодавство и европските стандарди.
Новоформираното тело ќе има обврска да: усвојува регионални планови за управување со отпад, ги одобрува клучните инвестиции во регионалната инфраструктура, координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии, го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот.
Овој мандат на МОУО создава силна основа за стабилен, отчетен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.
Со воспоставувањето на МОУО всушност започнува следната фаза од реформата за управување со отпад, која вклучува пред сѐ изработка на нов Регионален план за управување со отпад 2026–2032, финализирање на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, координирање на работата на надлежните институции, но и засилен ангажман за целосно и навремено информирање на јавноста. Овие активности се суштински за воспоставување целосно оперативен РСУО.
Градоначалниците од двата региона преку колективна одлука, покажаа дека регионалната соработка е клучна за развојот и квалитетот на живот на граѓаните.
Шведска и Швајцарија, како долгорочни партнери даваат поддршка во процесот, обезбедувајќи стабилност, експертиза и кредибилитет во секоја фаза од реформата.
Активностите се спроведени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.
Македонија
Собраниска делегација на трансатлантскиот парламентарен форум во САД
Во рамките на годишните активности на Парламентарното Собрание на НАТО (НАТО ПА), на 25. годишниот Трансатлантски парламентарен форум, што се одржа од 8 до 10 декември 2025 година во Вашингтон, САД, учествуваше делегација на Собранието на Република Северна Македонија, составена од: Драган Ковачки, шеф на делегацијата; Илир Хасани, член на делегацијата; Славјанка Петровска, член на делегацијата.
На почетокот на Форумот се обратија: Мајкл Р. Тарнер, шеф на делегацијата на САД во НАТО ПА; Маркош Перестрело, претседател на НАТО ПА; и д-р Бенедета Берти, генерален секретар на НАТО ПА.
Настанот собра голем број парламентарци од земјите членки на НАТО, како и конгресмени, претставници на Атлантскиот совет.
Форумот претставуваше најголемиот годишен собир на европски и северноамерикански пратеници. Оваа година ги обедини над 130 избрани претставници од сите 32 сојузнички земји на НАТО. Во текот на овие три дена, тој ги собра сојузничките пратеници, високи претставници на САД и НАТО, како и водечки експерти, за дискусии посветени на заедничките трансатлантски безбедносни приоритети.
Во фокус на Форумот беа клучни приоритети за трансатлантската заедница од зајакнување на нашата одбранбена индустриска база до поддршка на Украина и продлабочување на глобалните партнерства .
Учесниците дискутираа за глобални предизвици, меѓу кои:
· „Одбранбен арсенал на иднината и зајакнување на одбранбената индустриска база“;
· „Овозможување квантен искорак во колективната одбрана заштита на стратешките ресурси, вклучително и демократските системи, од хибридни закани и принуда“;
· „Овозможување квантен искорак во колективната одбрана – одбранбена индустрија“; и
· „Инвестирање во партнерства и допирање до јавноста во нашето сооседство и понатаму“.
Меѓу обраќањата и предавањата на Формумот, свој говор имаше и Радмила Шекеринска, заменик-генерална секретарка на НАТО, со осврт на современите предизвици и перспективите на трансатлантската безбедност.
На Форумот беа истакнати важноста на кохезивните и координирани акции на НАТО, вложувањата во одбраната и иновативните технологии, како и партнерската политика со региони од посебен интерес за Алијансата.
Учеството на собраниската делегација придонесе кон зајакнување на парламентарната дипломатија и продлабочување на соработката со партнерите во рамките на НАТО ПА, како и кон подобро разбирање на глобалните безбедносни предизвици и стратешките приоритети на Алијансата.
Македонија
Kривична пријава против Оливер Спасовски: како министер за внатрешни работи ја злоупотребил положбата и овластувањата
Вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против О.С. (49) од Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.1 од КЗ, информираат од МВР.
О.С. додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.
О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи. Истиот, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила, соопшти министерството.

