Македонија
Владата: Од денеска две нови ленти на Табановце за влез во земјата, а лентата „Отворен Балкан“ за камиони е во целосна функција
Претставници на Владата и на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и од претседателот на Комората, Бранко Азески, придружувани од директорката на Царината, Славица Кутиров, и претставници на надлежните институции и агенции, беа во посета на граничниот премин Табановце и одржаа работна средба за анализа на протокот на патници, возила, транспортери, стоки и производи и за преземање дополнителни мерки за побрзо пропаѓање на границата.
Во моментот интензивно се работи на олеснување на протокот во летниот шпиц, кој е двојно поголем во споредба со јуни, а тројно во споредба со мај оваа година.
Со тоа две други ленти се целосно резервирани за транспортни камиони, од кои едната за камионите на „Отворен Балкан“.
Најавено е и дека во многу брз период ќе следуваа и поставување светлосна ЛЕД-сигнализација видлива од голема оддалеченост, со цел возилата да ја заземаат вистинската своја лента и да нема потреба од менување ленти во шпицот, со што нема да се создаваат тесни грла и застој при преминот.
Владата упатува благодарност до патниците и компаниите за соработката и трпението. Владата има целосно разбирање за состојбата во летниот шпиц и ќе продолжи да го олеснува преминувањето за сите граѓани.
Помеѓу земјите на „Отворен Балкан“ ќе бидат обезбедени и дополнителни олеснувања и привилегии со крајна цел целосно отстранување на бариерите и границите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

