Македонија
Владата: Потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна
Обезбедена е целосна грижа и доволно места за децата во градинките, единствен логичен чекор е родителите да се вратат на своите работни места, велат од Владата во врска со реакциите на некои од родителите што досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство. Од таму велат дека градинките се отворени и имаат доволно капацитет, па од тие причини потребата на родителите да не одат на работа според Владата е беспредметна.
Од Владата велат дека одлуката сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември, е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
„Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата во согласност со протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување деца, односно градинките, не работеа“, велат од Владата.
Дополнително, велат од таму, донесена е и одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на 12 деца во група, со што, велат од Владата, јавните установи за згрижување деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките што досега користеле продолжено породилно отсуство.
Онаму каде што ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на општините да обезбедат соодветно решение.
Анализите покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.
Според информациите од надлежното Министерство за труд и социјална политика, некои од родителите што веќе ги пријавиле децата изминатиов период не ги носеле во градинка.
Затоа, Министерството за труд и социјална политика доставило допис до градинките да утврдат дали овие деца ќе престојуваат во градинките.
„Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки што се во интерес на граѓаните и државата“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

