Македонија
Владата: Премиерот Заев е на одмор, но е во постојана комуникација со надлежните за пожарите
Премиерот, Зоран Заев е на годишен одмор, но е во постојана комуникација со надлежните во врска со пожарите, велат од Владата.
„Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, а е во постојана телефонска и интернет-координација со сите ресорни министерства и надлежни институции“, се наведува во соопштението.
Од Владата информираат дека во периодот од 3 до 12 август некои од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор, а некои од министрите нема да користат одмор во овој период со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите.
„Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а во согласност со состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн-видеоконференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки. Во согласност со меѓусебна координација некои од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, Арjанит Хоџа, министерот и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шакири и Александар Бајдевски, министерката и заменик-министерот за образование, Мила Царовска и Арафат Шабани, заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши, заменик-министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска, заменик-министерот за труд и социјала, Енвер Хусин, заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, заменикминистерот за правда, Агим Нухиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопјани бараат од Цементарница Усје да работи според еколошките стандарди
Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје “ да работи според еколошките стандарди зашто, порачаа тие – скопјани имаат право на здравје и живот.
Протестниот марш почна од Владата преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од кое побараа да одлучува според најдобрите еврпски стандарди кога на 12 март цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.
На протестот говореа граѓани кои живеат во близина на цементарницата, од населбите Лисиче и Кисела Вода, и побараа компетентност од надлежното Министерство кога ги одобрува дозволите на индустриските капацитети.
Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата рече дека е директно засегнат, кажа дека според А-интегрираната дозвола што сега ја има „Усје“, може да произведува 1.750.000 тони цемент годишно и дека количеството гориво што ѝ е потребно за согорување е приближно двапати поголемо од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.
-Во таа интегрирана дозвола нема напишано ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат во таа фабрика и се согоруваат. Дозволено им е да емитуваат 7.800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина на сулфур диоксид е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35 илјади тони алтернативно гориво во кое е вклучена пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160 илјади тони, 258 илјади тони лигнит, кој е најнеквалитетниот јаглен, 534 тони јаглен. И за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката, рече Кавраков и повикувајќи го МЖСПП одговорно да пристапи кога донесува одлуки за дозволи.
Учесниците во протестот бараа од „Усје“ да биде општествено одговорна компанија и да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење директно од оџаците на цементарницата зашто во спротивно, порачаа тие, се зголемува сомнежот кај граѓаните.
Македонија
Мицкоски со осуда за пресудата за новинарката Вејсели која споменала име на судија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најостро ја осуди пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на името на судија во новинарско известување, оценувајќи дека станува збор за недозволиво ограничување на слободата на говор и напад врз новинарската професија.
„Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба етички да се однесуваат, да ја информираат јавноста и за тоа да служат, и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам, без разлика дали е од политичар, јавна личност или судија“, изјави Мицкоски.
Претходно, Обвинителството ја гонело новинарката, а судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ја осудила Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата е донесена затоа што во новинарско известување било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.

