Македонија
Владата: Светската безбедносна слика е доказ за исправноста на одлуките поради кои денес сме ценета членка на алијансата
Владата на Република Северна Македонија денеска на свечена седница ја одбележа четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО.
Со седницата на која учествуваа членовите на Владата претседаваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, а збор зедоа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ.
Премиерот Џафери во своето обраќање истакна:
„Утре, навршува четвртата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО. За мене, лично, од особено значење е оваа годишнина бидејќи имам чест и да се обратам како премиер на држава која повеќе не сонува за оваа стратешка цел, туку активно придонесува и е ценет член на најмоќната одбранбена алијанса во светот.
Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, се докажува исправноста на сите тешки одлуки што нè доведоа до денешното членство во НАТО. Ние ги гледаме и слушаме ужасите во светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказот дека секоја направена жртва – вредеше!“
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој нагласи:
„Нашето членство во алијансата претставува значаен придонес кон изградбата на стабилен и безбеден регион, што е од посебна важност во овој период кога се соочуваме со актуелните безбедносни предизвици предизвикани од руската воена агресија во Украина.
Како членка на НАТО, Северна Македонија не претставува само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евро-атлантски вредности и цели“, рече Османи истакнувајќи дека од корисник на безбедност, Северна Македонија се трансформира во земја што произведува безбедност придонесувајќи во мултинационалните операции предводени од НАТО.
На свечената седница се обрати и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која потенцира:
„Првата клучна придобивка е тоа што со членството на Северна Македонија во НАТО повеќе никогаш нема да стане збор дали нашиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да бидат загрозени. Не може.
За една држава, која има нешто повеќе од три децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Значи, безбедноста е на прво место, потоа, се разбира, таа безбедност и стабилност гарантира инвестиции и подобра економска состојба во државата. Затоа членството во НАТО беше стратешка цел на државата од првиот момент на нејзиното осамостојување и треба да бидеме горди што ја реализиравме.
Ние веќе четири години не сме тема на масата како балканска земја на која треба да ѝ се помогне, туку сме еднакви со сите земји членки и одлучуваме заедно. Северна Македонија од земја на која меѓународната заедница ѝ помагаше да го задржи мирот, сега е земја што активно придонесува за регионалната безбедност. И не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од чија било страна бидејќи во тој случај зад себе имаме сојуз од 32 држави.
Нека ни е честита 4-годишнината од членството во НАТО. Презедовме голема обврска, огромна одговорност и постигнавме резултат. Нека е честит овој голем историски успех на нашата генерација“.
Збор зеде и првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, кој во своето обраќање се осврна:
„Денешниот ден, четири години откако сме членка на НАТО, најдобро во пракса ги демантира и скептицизмот, и резервите, и грчот отколку пред пет години. Денес, имаме можност и да си честитам,е и да одбележиме, и да се гордееме на Северна Македонија членка на НАТО.
Денес, има околности што ни укажуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме војна во Украина, а ние сме на безбедната линија на границата во Европа. Имаме држави, како Финска и Шведска, кои со векови се воено неутрални и кои ја сменија својата надворешна и безбедносна политика на неутралност за да станат членки на НАТО, каде што ние веќе сме членка. Имаме ситуација во регионот во која 3 од 6 држави од Западен Балкан се земји членки на НАТО, а ние сме меѓу тие три заедно со Албанија и Црна Гора.
Тоа можеби ни се чини денеска подарено, меѓутоа за тоа сме се избориле тешко и со големи политички жртви. Но, тоа само нè потсетува дека тешките одлуки се навистина вредни и за граѓаните и за државата. И дека тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ нас политичарите сигурно ќе нè чинат, меѓутоа бидете сигурни дека кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, граѓаните ќе ни бидат благодарни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

