Македонија
Влада: Штрајкувачите да не се донесуваат во заблуда, наставата и преговорите да продолжат
Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, се вели во соопштението од Владата на РСМ.
Владата ги повикува наставниците, воспитувачите и негoвателите најдобриот интерес на децата да го стават пред своите лични интереси, враќајќи ја наставата и прифаќањето и згрижувањето на децата во училиштата и градинките.
Истовремено најдобронамерно информираме дека со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките е груба манипулација ставање во заблуда на штрајкувачите.
Согласно Законот за работни односи и Колективните договори за основно и средно образование, и за вработените јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, доколку се организира штрајк во периодот на усогласување на минималната плата, тој се смета дека се однесува на унапредување на правата на вработените кои штрајкуваат. Поради тоа законското решение и решението согласно колективниот договор определува исплата само на придонесите на платите.
Синдикатот, наставниците, воспитувачите и негователите треба да имаат верба во институциите, бидејќи како и претходно зголемување на платите и во образование и детска заштита ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години. Сега е понудено зголемување за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на буџетот. Тоа значи дека наставниците и воспитувачите ќе добијат просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. Понудена е и методологија со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.
Претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874. На воспитувачите, пак, во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари.
Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска, социјална и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

