Македонија
Владејачкото мнозинство да го прифати нашиот предлог за крај на грабежот со патарините, бара партијата Левица
„Македонските граѓани се жртви на државно спонзориран грабеж преку екстремно скапите патарини, кои никако не одговараат на катастрофалниот квалитет на патиштата!“, велат од партијата Левица.
„Додека европските земји како Бугарија, Австрија и Швајцарија користат вињета систем што овозможува неограничено движење по прифатлива цена, во Македонија секој изминат километар е дополнителен удар врз џебот на народот!
Како стоиме во споредба со Европа?
Бугарија: 7 дневна вињетка е 8€
Австрија: 10 дневна вињетка е 9,90€
Швајцарија: годишна вињетка е 42€
Македонија: Табановце – Гевгелија (една насока) е над 6€
Колку тежат овие трошоци во споредба со платите?
– Швајцарија – просечна плата: 5.500€
– Австрија – просечна плата: 2.500€
– Бугарија – просечна плата: 1.000€
– Македонија – просечна плата: 700€
Ова значи дека додека еден Австриец за 10 дневна вињетка плаќа 0,4% од својата месечна плата, Македонецот за само една релација издвојува речиси 1% од својата плата, и тоа за руинирани автопати!
Потенцираме дека од позиција на власт, ќе воведеме вињета систем. Сметајќи дека актуелната власт не е спремна да го прифати тој предлог сега, пратеничката група на Левица во собранието предложи законски измени за:
– Намалување на цените на патарините за 50% и
– Законска регулација на висината и наплатата на патарините.
Време е владејачкото мнозинство ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ да се одважи во интерес на граѓаните и да го прифати овој предлог! Доста беше организираниот грабеж – народот плаќа, а не добива ништо!“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

