Македонија
Владиката Агатангел: Згрозен сум од насилството врз демократијата што го приреди Талат Џафери
Ние, православниот народ од Повардарската епархија, згрозени сме од вчерашниот срам и беззаконие, како и од отвореното насилство врз демократијата што ни го приредија господинот Таљат Џафери и неговите истомисленици при донесувањето на разбојничкиот закон за двојазичност, пишува владиката Агатангел во врска со вчерашното изгласување на законот за употреба на јазиците.
„Иако ваквиот башибозук можевме да го насетиме и го очекуваме од г. Џафери, како директен учесник во приредувањето на теророт врз невиното неалбанско население во северозападна Македонија, сепак, верувавме во разумноста и општествената одговорност на нашите преставници во Законодавниот дом на нашата татковина. Затоа, отворено сакаме да истакнеме дека пратениците кои го изгласаа овој недемократски закон, кој директно ги поткопува основните темели на државноста, го руши унитарниот и уставниот поредок и го загрозува опстојувањето на Р. Македонија, не можеме да ги сметаме за наши ополномоштени претставници и заштитници на нашите општествени и политички интереси“, пишува владиката Агатангел.
Овој закон, додава тој, во ниту еден случај не го унапредува квалитетот на животот во нашето општество и води кон поделби, недоверба и продлабочување на разликите меѓу народите кои живеат во Р. Македонија.
„Оние кои го поддржаа овој неуставен закон ќе останат запаметени во нашето сеќавање како сејачи на чемер и јад во срцата на чистите и чесни жители на нашата татковина. Непочитта кон нас, како нивни избирачи, вечно ќе ја паметиме и ќе ја укажуваме на идните генерации, како лош пример за предавство и лицемерие. Нема да ги мразиме ниту да ги осудуваме, туку ќе се надеваме на нивно брзо преумување и вразумување“, пишува владиката.
Тој додава дека целосно го поддржува претседателот Ѓорѓе Иванов во намерата да не го потпишува указот за овој, како што вели, антидржавен и неуставен закон кој беше донесен на вандалски и нецивилизиран начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

