Македонија
„Власта да не го игнорира предлогот на ССМ за покачување на минималната плата, во спротивно ќе поднесеме законско решение“, велат од партијата Левица
„ДПМНЕ наместо да глуми опозиција и да се пасивизира во корист на бизнисот, редно време е да ја изврши својата владина обврска во трипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите и веднаш да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра! Ова не е популизам, туку неопходен чекор што реално ја одразува економската состојба и енормниот раст на животните трошоци“, велат од Левица.
„Повеќе од јасно е дека ветувања кон граѓаните за подобар животен стандард и повисоки примања беа само изборна лага за освојување на власта, Денес, гледаме неспособност и негрижа кои резултираат со раст на инфлацијата, енормни поскапувања и зголемена сиромаштија. Минималната плата денес не е доволна ни за покривање на основните потреби, а владината коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ очајно се обидува да го прикрие овој пораз.
Благодарение на Владата, граѓаните наместо достоинствен живот, добија зголемени сметки за струја, поскапена храна и нејзино јавно наклонување кон капиталот.
Синдикалната кошничка ни покажува дека трошоците за месец јануари 2025 година, споредбено со истиот месец во 2024 година, се зголемени за 6.089 денари или 10,65%, од кои само храната е поскапена за 2.191 денар или 10,43%. Оттука, законското зголемување на минималната плата за околу 1.800 денари не е доволно ни да го покрие ова покачување, а не пак да го подобри стандардот на граѓаните.
Додека цените растат, а Мицкоски советуван од скапите владини советници се занимава со забрани за граѓаните да јадат цреши и грашок од конзерва, Левица ги повикува да се соочат со реалноста и да го вратат достоинството на работникот. Прифаќањето на предлогот на ССМ е минимумот што треба да го направи оваа власт и истиот е повеќе од релевантен и вистински ја одразува состојбата со порастот на цените. Редно е власта да се оддели од спрегите на бизнисот и да сработи нешто за своите граѓани на кои им ветуваше подобар живот.
Левица го поддржува предлогот на ССМ. Зголемена минимална плата е неопходна за намалување на сиромаштијата и социјалните разлики. Доколку власта не покаже слух за својот народ, Левица како единствена партија која вистински се залага за работниците – ќе предложи законско решение во Собранието“, соопшти Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

