Македонија
Власта им го продолжи мандатот на нивните судии од тефтерчето за уште 3 години, велат од партијата Левица
„На вчерашната собраниска седница, владејачкото мнозинство во скратена постапка усвои скандалозни измени на Законот за работни односи, кои ќе ја продлабочат очајната состојба во правосудството. Односно, со донесените измени се поместува старосната граница за пензија од 64 на 67 години за избраните и именуваните функционери, по нивно барање“, велат од партијата Левица.
„Под изговор дека оваа потреба произлегува поради дефицитот на кадри во правосудството, ДПМНЕ дефакто ќе им го продолжи мандатот на нивните судии од “тефтерчето” за уште 3 години, а довербата во правната држава ќе продолжи да тоне. Лицемерието на власта е евидентно, која секојдневно обвинува дека судиите и обвинителите не си ја вршат својата работа. Наместо суштински реформи кои ќе ја зајакнат одговорноста на судиите и обвинителите (кои и сега уживаат силна правна заштита) – сведочиме зголемување на нивните привилегии.
При јасна недоверба во судството, власта на Мицкоски со ова докажува дека им го продолжува периодот за уживање на привилегиите од корумпираниот систем на избраните и именувани лица до навршени 67 години.
Потсетуваме дека пратеничката група на Левица поднесе предлог-закон за кривична одговорност на судиите, бидејќи цениме дека огромната заштита која ја уживаат судиите е една од главните причини за силната корупција во правосудството. Апелираме до партиите од власта наместо да го продолжуваат мандатот на корумпираните судии, истите да го поддржат законот на Левица и конечно судиите кривично да одговараат, наместо да бидат заштитени од системот при нивното катастрофално работење“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

