Македонија
Влен: „Безбеден град“ не казнува минимална грешка, туку ги штити животите
„Влен“ соопшти дека Законот за „Безбеден град“ е еден од најважните закони донесени во државата, бидејќи во својата суштина ги штити животите на граѓаните и гарантира безбедност на јавните простори.
Според „Влен“, законот не е насочен конказни, туку кон создавање услови секој граѓанин да се движи без страв и без ризик по животот. „Безбеден град“, како што наведуваат, значи побезбедни улици за пешаци, велосипедисти, корисници на електрични тротинети и лица со попреченост, како и јавни простори што им служат на луѓето, а не на сообраќаен хаос.
Во соопштението се истакнува дека законот има за цел директно да ги намали смртоносните сообраќајни несреќи и да ја подобри безбедноста на патиштата, особено на автопатите, регионалните патишта и градските булевари, каде што ризикот е секојдневен и реален. „Влен“ наведува дека „Безбеден град“ претставува модерна алатка за управување со јавната безбедност, која одговара на современите предизвици и ја доближува државата до европските стандарди.
Се посочува дека современите европски градови користат интегрирани системи за следење и брз одговор, со цел зголемување на безбедноста, намалување на прекршоците и поефикасна работа на институциите, а „Безбеден град“ е чекор во таа насока.
„Денес, современите градови во Европа користат интегрирани системи за следење и брз одговор, бидејќи тие ја зголемуваат безбедноста, го намалуваат просторот за прекршоци и ги прават институциите поефикасни и попрофесионални. “Безбеден град“ е токму таков чекор кон држава која функционира подобро за своите граѓани. Во врска со имплементацијата на системот, нагласуваме дека толеранциите на камерите ќе бидат идентични со оние што веќе ги применуваат полициските радари: толеранција од 6 км/ч за брзини до 100 км/ч и 8 км/ч за брзини над 100 км/ч. Ова јасно покажува дека целта не е казнување, туку спречување на прекршоци што ги загрозуваат животите на луѓето. Толеранцијата се однесува само на помали прекршоци и не се однесува на случаи на кривични сообраќајни прекршоци“, велат од „Влен“.
„Правилата постојат за да се почитуваат и да го заштитат животот. Безбедноста не е казна, безбедноста е колективна одговорност“, порачуваат од „Влен“, додавајќи дека „Безбеден град“ е закон за побезбедно, поуредно и похумано општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

