Македонија
„Влен“: Време е ДУИ да направи вистински ветинг почнувајќи од Бујар Османи, најдобриот другар на Артан Груби
„ДУИ продолжува да се обидува да ја излаже јавноста со нивните лажни ветувања за ветинг и „внатрешно прочистување“. Но, ако навистина сакаат да се борат против корупцијата, нека започнат од Бујар Османи – човекот што чудно беше заштитен од судска одговорност“, велат од ВЛЕН.
„ДУИ, при ветингот, нека провери кој го спаси Бујар Османи од судска разрешница. Предметот кој го покрена СЈО против него мистериозно заврши без судска постапка! Кои се тие што го штитеа и зошто институциите молчат? Кој му помогна да се извлече од обвиненијата за корупција и злоупотреба на функцијата? На кого му должи Бујар за својата слобода, тоа треба да одговори ДУИ.
ДУИ, при ветингот, нека провери како Бујар Османи се снаоѓа со својот непотизам. Во Министерството за надворешни работи кадрите не се избираа според професионални критериуми, туку според лични врски со Бујар Османи и неговиот другар Артан Груби. Вработени се пријатели, роднини и другари, а не стручните и квалификуваните кадри.
ДУИ, при ветингот, нека ги провери и тендерите за партиските фирми кои ги доделуваше Бујар Османи. Министерството за надворешни работи беше претворено во коруптивен центар при што доделени се милионски тендери на фирми блиски до ДУИ. Фирмите на неговите партиски колеги добиваа тендери со милионски суми за настани кои траеа само ден или два. Добро е ДУИ да пронајде каде завршуваа тие пари.
ДУИ при ветингот, нека провери дали Бујар Османи беше министер или бледа сенка и другар на Артан Груби? Бујар Османи беше преносникот на пораки помеѓу Скопје и Будимпешта, носејќи тајни договори за враќањето на Никола Груевски. Нека провери ДУИ какви политики застапуваше Бујар Османи, за себе, за своите поранешни коалициони партнери или за Албанците кои ги заборави. Добро е да знаеме дали Бујар Османи беше само извршител на политичкото самоубиство на ДУИ во сценарио на Артан Грубу.
ДУИ ако навистина сака прочистување, нека не глуми дека ќе чисти ситни риби по своите ограноци. Нека почне од своите најголеми коруптивни фигури! Народот не верува во ваши лажни ветувања! Време е за нови лица и лица без коруптивно наследство!“, соопштуваат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

