Македонија
ВЛЕН: ДУИ ги заборави Албанците, единствено се грижеше за богатството на неколку луѓе од врвот на партијата
„ДУИ е политичка партија која ги изневери Албанците. ДУИ е политичка партија која ги заборави Албанците, а се грижеше единствено за богатството на неколку луѓе од врвот на партијата. Денес сакаме јавно да поставиме прашање дали ДУИ е спремна да се соочи со одговорноста за тоа што работеше единствено за личен интерес на поединци од својот врв“, прашуваат од ВЛЕН.
„Дали ДУИ е спремна конечно да и објасни на јавноста за десетици и десетици афери и скандали кои се случија во минатите години.
Каде завршија 14 милиони евра отпишани долгови спрема фирми снабдувачи со електрична енергија, чии сопственици беа деца и роднини на луѓе од врвот на ДУИ и СДСМ?
Каде завршија скоро 400.000 евра доделени незаконски како спонзорства на разни фитнес студија и спортски клубови од страна на МЕПСО, без никакви критериуми и транспарантност?
Каде завршија парите од доделените десетици и десетици концесии за фотоволтаични и хидро централи доделени на деца и роднини на истите функционери од претходната власт?
Каде завршија парите од криминалните набавки за мазут во четири очи за потребите на с ТЕЦ Неготино, спроведени со сомнителни фирми во минатото?
Дали ДУИ ќе им објасни на своите гласачи, но и на сите гласачи Албанци, каде завршија парите одземени од нашите луѓе во стотиците коцкарници кои ги отворија во нивните мандати?
Дали ДУИ ќе каже за чиј интерес и сметка работеше фирмата Еуровиа која ги добиваше сите тендери во неколку министерства предводени од кадри на ДУИ?
Најдобронамерно им упатуваме порака на ДУИ да се посветат на расчистување на својот двор. Граѓаните бараат одговори за сите криминали кои се случија минатите годинии.
Гласачите дадоа јасна порака. Не сакаат повторно да гледаат и слушаат од луѓе кои докажаа дека ги интересира само своето богатење.
Добро е што ДУИ конечно прифати дека е опозиција. Ние ќе направиме се што е потребно, граѓаните да бидат задоволни и да знаат дека власта работи за нивниот интерес“, велат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

