Македонија
„Влен“: По 22 години измама, носиме канализација во Зајас на Али Ахмети
„Кичево, градот што беше заборавен од минатите влади повеќе од две децении, денес се враќа на мапата на сериозни инвестиции благодарение на посветеноста на коалицијата „Влен“. Големиот проект за изградба на колекторски систем и модерна пречистителна станица за отпадни води, вреден над 1 милијарда денари од државниот буџет, веќе почна да се реализира“, велат од „Влен“.
„Овој проект претставува голем чекор напред во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Кичево, а воедно и заштита на јавното здравје и животната средина. Но, не само тоа, по 22 години ветувања и политичка манипулација од страна на ДУИ, Зајас на Али Ахмети, конечно, ќе има канализација. Неверојатно, но вистинито: ‘Влен’ мораше да дојде на власт за да реши основен проблем во родното место на оној што владееше две децении, без да ги реши проблемите на сопствената земја.
Овој проект беше на работ на неуспех кога „Влен“ ја презеде владата: само 17 % имплементација за 21 месец, изгубени ИПА-фондови, нефункционален изведувач и целосен недостаток на институционален одговор од претходната влада, уште еден одраз на некомпетентноста и систематскиот неуспех што им се сервира на граѓаните со години.
Благодарение на директната интервенција на првиот вицепремиер, Изет Меџити, како и неуморната работа на колегите во Министерството за животна средина и просторно планирање, проектот беше спасен од целосен неуспех. Претходниот договор беше раскинат, побарана беше компензација, а преку нова, транспарентна и долгорочна набавка беше обезбедено целосно финансирање од државниот буџет за реализација на оваа стратешка инвестиција.
Кога другите се откажуваат, ние дејствуваме. Кога тие молчат, ние го носиме гласот на граѓаните во институциите. Кога тие прават пропаганда, ние донесуваме конкретна работа. Ова е филозофијата на „Влен“. Бидејќи за нас иднината на граѓаните не е предмет на преговори, таа е обврска!“, соопшти „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

