Македонија
„Влен“: Уживаме во целосна поддршка од меѓународната заедница, црни листи за нашите противници!
„Политичкиот субјект ВЛЕН продолжува да ја зајакнува својата позиција како сериозен, кредибилен и доверлив партнер во очите на меѓународниот фактор. Нашите транспарентни политики, евроатлантска ориентација и посветеност кон вистински реформи наидоа на разбирање и целосна поддршка од претставници на пријателски и сојузнички земји“, велат од „Влен“.
„Претставниците на ВЛЕН секојдневно се пречекани од нашите меѓународни партнери, вклучувајќи ги и претставниците на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од каде што добиваат јасна поддршка за нивната визија и платформа. Ова покажува дека ВЛЕН е фактор на стабилност и гаранција за интеграција и развој.
Од друга страна, ДУИ е сè повеќе изолирана. Меѓународните партнери ја изгубија довербата во во еден субјект кој две децении ја злоупотребуваше моќта за лични и клански интереси. Клучните фигури на ДУИ веќе се на меѓународни црни листи и се прогласени за персона нон грата, што е јасен сигнал дека повеќе нема толеранција за криминал и корупција.
ВЛЕН е единствената алтернатива што гарантира искрена соработка со нашите стратешки партнери и одржлив развој за Албанците во Северна Македонија. Со ВЛЕН, постои бела иднина, изградена врз правда, работа и чесност, додека со ДУИ е црното минато, проткаено со криминал, корупција и изолација.
Решени сме да ја водиме земјата, заедно со граѓаните и со поддршка на меѓународните пријатели, кон пофер, почесна и поразвиена иднина.
ВЛЕН е ценет и добредојден од меѓународните претставници, бидејќи имаме јасна и чиста цел, за граѓаните и заедно со граѓаните!“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

