Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Aко анкетите се нарачани, ајде СДС охрабрете се излезете на избори

Ако анкетите се нарачани, а ВМРО-ДПМНЕ во раскол, ајде СДС охрабрете се излезете на избори, реагира опозицијата.
„Очајот во СДС веќе пробива секоја граница, свесни се дека губат катастрофално, па сеат магла за местени анкети и раскол, ако беше така тие одамна ќе побараа избори. Вистината е сосема друга, на СДС не им гласаа двајца пратеници во собранието кога ги ставија уставните измени на 18 август. СДС има раскол во сопствените редови, а тоа го видовме на 18 август. СДС се раслојува, а тоа си го кажуваат и нивните пратеници преку фејсбул статуси. И ВМРО-ДПМНЕ и СДС и сите во Македонија знаат дека СДС ќе изгуби и ќе оди во опозиција, резултатот ќе им биде историски срам“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако од владејачката партија денеска рекоа дека не е за изненадување на наредната нарачана анкета Мицкоски да води 100:0
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште се трага по исчезнатото лице од Степанци, 80 лица се вклучија во потрагата

Исчезнато повозрасно лице од селото Степанци во Општина Штип не е пронајдено, иако вчера во потрагата се вклучија околу 70 до 80 лица, а во некои подалечни реони околу другите соседни села имаше и други коишто пребаруваа во поединечни групи.
Лицето последен пат било видено пред една недела, во саботата на 5 април.
Беше пријавено за исчезнато на 7 април во 16.20 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Во последните неколку денови на потрагата се приклучија и доброволци и членови од повеќе здруженија.
„Во текот на вчерашниот ден (12.04.2025) на зборното место кај продавницата во с. Лакавица големиот број доброволци и лица од институциите, службите и здруженијата се поделија во групи и по правци на пребарување беше поголем реон. Истовремено, со неколку дронови (3-4, и службени и приватни) систематски беа пребарувани местата каде што беа тешко достапни, подлабоки долови, а и течението и вировите на надојдената рекичка Лакавица. Беа вклучени од страна на МВР 10 полицајци, потоа 10-на извидници – членови на Извиднички одред „ЕКВИНОКС – Штип“, ловци – членови на ЛЗ „Ловец“ од Штип, доброволци – вработени од РЦУК Штип, лица од локално население од блиските села околу Степанци, роднини на исчезнатото лице. Одредени групи од подалечните села самостојно вршеа претрага во нивните реони“, информираа од ЦУК.
Инаку, ловочуварите од ловиштето „Лакавица – Патрик“, директно на нивна територија вршеа пребарување и индиректно – преку редовно прегледување на снимките од видеокамерите на терен.
Роднините на исчезнатиот, иако повозрасното лице не е пронајдено, изразија благодарност до сите коишто несебично се вклучија или индиректно помогнаа во потрагата.
Македонија
Муцунски оствари бројни билатерални средби на маргините на Анталија Дипломатскиот форум

Во рамките на учеството на Анталија Дипломатскиот форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари низа билатерални средби.
На маргините на форумот, тој се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Молдавија, Михаил Попшоју, со министерката за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили, како и со европратеникот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
На средбата со високиот претставник Шмит, фокусот беше ставен на политичката состојба во регионот, европската перспектива на Западен Балкан и значењето на постојана ангажираност за стабилност, мир и помирување. Средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Синирлиоглу, беше исклучително конструктивна – насочена кон размена на ставови за безбедносните предизвици и идентификување на потенцијалот за унапредување на регионалната стабилност и соработка.
На средбите со министрите за надворешни работи на Молдавија и Грузија беше потврдена одличната билатерална и мултилатерална соработка, со заедничка заложба за зајакнување на економските врски и интензивирање на поддршката во рамки на европските интегративни процеси.
На средбата со европратеникот Илхан Кјучук, министерот Муцунски ја истакна важноста од отворањето и водењето на пристапни преговори како најдобар механизам за обезбедување на неповратноста на реформските процеси и демократскиот развој. Притоа, нагласи дека е неопходно деескалирање на билатералните блокади и враќање на процесот на европска интеграција во неговата суштинска рамка – оценка според заслуги и исполнети критериуми.
Македонија
ДУИ повика на темелна истрага за Кочани – апсењата, според нив, предизвикуваат меѓуетнички тензии

Демократската унија за интеграција (ДУИ) по трагичниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 60 млади лица, ја нагласува итната потреба за одговорност и обезбедување почитување на сите стандарди за да се спречат вакви трагедии во иднина.
За жал, по оваа катастрофа, велат Ингегративците, граѓаните се сведоци на загрижувачко однесување од актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Мицкоски.
„Наместо да преземе брза и решителна акција и да ги повика на одговорност оние кои се вистински виновни, владата се вклучи во активности за бегање од одговорност на актуелните функционери и се оддаде на создавање непотребни етнички тензии. Во моментов Мицкоски со неосновано апсење на Албанци се обидува да предизвика меѓуетнички тензии, како параван за неуспесите на владата и како алатка за предизвикување етнички раздор“, велат од ДУИ.
Партијата во соопштението додава дека најостро ги осудува неодамнешните апсења на поединци кои, како што велат, немаат врска со трагедијата, како средство за оттргнување на вниманието од вистинските виновници.
Овие постапки, се додава, без докази покренати од институциите на Мицкоски, служат за насочено таргетирање на поединци за политички цели.
Очигледно е, велат, дека додека се користат поединци како жртвени јагниња, оние на моќни позиции, вклучително актуелни министри и директори, остануваат на слобода и покрај нивната целосна одговорност за оваа трагедија.
Партијата ги повика институциите да спроведат темелна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, базирана врз докази, со тоа обезбедувајќи гаранции дека вистински одговорните лица ќе ги сносат последиците, без разлика на нивната политичка определба.