Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да ги урне и дивоградбите на Кале, Матка и во Охрид
„Кога веќе Владата го откри идентитетот на инвеститорот на дивоградбата во Мавровка која се изгради во нивно време и се понуди бесплатно да ја сруши, тогаш по истиот принцип бараме Владата бесплатно да ги урне и следниве дивоградби: на дивата платформа на Матка, во близина на Скопското Кале кај касарната Илинден, дивоградбата на Нефи и летната тараса кај охридскиот Чинар, како и дивоградбите по должина на охридското крајбрежје.Доколку не го направи ова, Владата покажува дека сето ова е евтин театар“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, крими-тендерашката власт на Заев се обидува да направи театар со дивоградбата кај Мавровка.
„Вистината е дека токму оваа иста старо-нова власт дозволи дивоградбата да никне на едно од најфрекврентните места во Скопје, па со месеци се натегаа чија надлежност е, па бараа преку платени огласи кој е инвеститорот, за сега наводно да поднесуваат кривична пријава и да најавуваат рушење. Сето ова граѓаните ги чинеше и ќе ги чини пари, како преку циркусот со огласи во весници, така и преку рушењето со народни пари.Тешко на таа држава во која Владата мора вакви драмолетки да прави од нешто кое не смеело ниту да се појави“, се вели во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, смешна е кривичната пријава од страна на Јавното обвинителство откако дозволија да се изгради.
„Па оттука логично се поставува прашањето како и кога се дознал идентитетот на сопственикот на дивоградбата кај Мавровка? Дали ЈО знаело за ова и зошто чекало толку време? Дали Зоран Заев е вмешан во ова и дали поради откажување непослушност од страна на сопственикот на објектот, Заев го откри сторителот? Што друго да се очекува од влада-дивоградба на која личното богатење, корупцијата и криминалот ѝ се главната одлика“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заврши истрагата за отпадот во Визбегово, обвинети три физички и едно правно лице
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе обвинение против три физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природа со отпад од член 230 од Кривичниот законик.
Во периодот од 28.02.2025 до 09.07.2025 година, обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на катастарска парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На 09.07.2025 година на локацијата се случил пожар кој поради обемот и опасноста не можел да се стави под контрола, при што согорел дел од непрописно складираниот отпад. Тоа предизвикало масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Крајната последица од незаконитите дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето.
Со истрагата е утврдена одговорност кај една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која заеднички и со умисла заедно со второобвинетиот кој учествувал со особен придонес во работата на правното лице ги преземале незаконитите дејствија. Обвинение за дејствија од чл.230 ст.6 е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата која не била свесна за можноста од настапување на штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство, била должна и можела да биде свесна за таа можност.
Македонија
„Власта со нов закон го силува правото и ја продолжува легализацијата на дивоградби“, велат од Левица
„Група пратеници од власта до Собранието доставија срамни предлог измени, на уште посрамен и исклучително погрешно замислен и применет закон, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Уште кога беше донесен овој закон во 2011 година – со кој се легализира неправото – се воведе реална опасност за легализација на секаков тип на објекти, без разлика на нивната безбедност. Неспособноста на своите градоначалници за урбанистичко и просторно планирање ДПМНЕ повторно сака да ја продолжи за уште пет години!“, велат од Левица.
„Предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за „легализација“ на дивоградбите, практично претставуваат уште еден обид за административно решавање на длабоко системски, урбанистички и безбедносен проблем, без суштинска анализа на последиците врз јавниот интерес. Клучниот проблем не е само во продолжувањето на рокот, туку во начинот на легализација кој државата упорно го практикува со години.
Дивоградбите, согласно постојната и предложената регулатива, се легализираат исклучиво со геодетски елаборат, без никаква обврска за документација за конструктивниот систем; проектна документација за изведена состојба; увид во начинот на изведба на носечките елементи, проверка на електро, водоводни и канализациски инсталации; мислење или верификација од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Со тоа, државата свесно создава правен статус за објекти за кои нема никаква трага за нивната безбедност. Во земја која се наоѓа во сеизмички активна зона, каде Скопје и други градови имаат историско искуство со катастрофални земјотреси, ваквиот пристап не е само технички пропуст, туку институционална неодговорност. Легализацијата во ваква форма не значи „уредување на состојбата“, туку премолчено прифаќање на потенцијално небезбедни конструкции, префрлање на ризикот врз идните корисници и општеството, создавање на градови со правно легални, но технички непознати објекти.
Дополнително, со секое ново продолжување на роковите, државата испраќа јасна порака дека бесправното градење се исплати, урбанистичките планови се препорака, не обврска и дека оние што граделе согласно закон се доведени во подредена позиција.
Левица потенцира дека ова не е прашање на „флексибилност“ кон граѓаните, туку прашање на јавна безбедност, урбанистичка правда и социјална одговорност. Треба ли да потсетиме повторно дека во Кочани трагедијата се случи токму во легализирана дивоградба?
Доколку навистина постои намера за решавање на проблемот со дивоградбите, тогаш секоја легализација мора да вклучи:
-задолжителна техничка документација (основен проект со сите фази) и конструктивна проценка;
-проверка на сеизмичката отпорност;
-минимални стандарди за безбедност и функционалност;
-мислење од сектор за урбанизам за усогласеноста на објектот со постоечките урбанистички планови.
Со ова би се добила вистинска институционална одговорност, а не само административна формалност. Во спротивно, продолжувањето на роковите е само одложување на ризикот, кој нема да исчезне, туку ќе се манифестира при првиот сериозен земјотрес, хаварија или инфраструктурен дефект.
Државата не смее да го стимулира бесправното градење и урбанистичкиот хаос, туку напротив, мора да биде гарант на безбедноста и квалитетот на живеењето“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.

