Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба за спорот со името
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат итна лидерска средба, по можност уште во текот на утрешниот ден, на која ќе присуствува и претседателот Ѓорге Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација.
„Премиерот Заев и владата во континуитет демонстирааат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тие на почетокот имаа ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување на референдум, но во периодот кој измина гледаме како овие ставови не само што бледнеат туку и истите се напуштаат. Евентуалното постигнување на договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските.
Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги има добиено од владата која ги води преговорите за името се оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи со почетокот на месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите ниту новите детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите“ изјави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
Имаме дипломатија, вели Јанушев, која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец, оценува тој.
„Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски ја прекинува својата работна посета на Република Италија и средбите кои што ги имаше со македонската дијаспора и веќе е на пат за Македонија. Потребни се одлуки. Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, и на која би присуствувал и претседателот на државата господинот Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација“ порача Јанушев.
Тој нагласи дека Зоран Заев иако е премиер, го нема монополот во името на целата држава, власта, опозиција, политички определените или неопределените да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор, да биде ставање на целата држава пред свршен чин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

