Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за нивниот предлог-закон за енергетика
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата достави барање до Собранието за одржување итна седница на која ќе се разгледува предлог-законот кој го поднесоа, а се однесува на Законот за енергетика.
Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека по вчерашната прес-конференција на премиерот Ковачевски станало јасно дека Владата едноставно препишала делови од предлог-мерките кои ВМРО-ДПМНЕ го понуди, но тоа не е доволно.
„Во мерките коишто Ковачевски ги презентираше слушнавме дека ќе добиваат поевтина електрична енергија образовните и јавните здравствени установи, но случајно или не ги изостави водостопанските и комуналните претпријатија коишто поради високите цени на електрична енергија имаат проблеми со ликвидноста што во следниот период може да доведе до повисоки сметки за домаќинствата и стопанството. Како одговорна партија бараме целосно, а не парцијално прифаќање на нашиот предлог. Со предлог-законот за енергетика којшто ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во самиот текст опфатени се и водоводните и комунални претпријатија коишто имаат огромни трошоци за електрична енергија“, образложи Мицевски.
Опозициската партија побара од СДСМ да го поддржат нивниот Закон за енергетика. Со тоа, како што рече Мицевски, ќе покажат дека се грижат за граѓаните и за стопанството.
Во предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ покрај училиштата и здравствените установи опфатени се и водостопанските и комуналните претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

