Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма на Министерството за култура
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и колицијата ќе поднесат барање за надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес и реализацијата на програмата за 2018 година.
Пратеничката Ане Лашкоска обвини дека веќе втора година годишната програма се носи нетранспарентно и скандалозно.
„Ако во минатогодишната програма имаше дискутабилни проекти и партиско финансирање, годинава има програма за која нема кој нема реакции, почнувајќи од издавачката, драмската, музичко-сценската, музејската фела. Уште со новонаметнатите критериуми и исклучително нискиот буџет одобрен од страна на Владата се дефинира генерално потценувачкиот однос кон културата. По овој невиден скандал, министерот за култура рече дека за него не би било проблем да си даде и оставка, но според она што го кажа, а во еден момент истото, само на поинаков начин, го соопшти и премиерот Заев, требало првин да се види дали можеби во некои од случаите што се одбиени постоел проблем на несоодветно аплицирање. Токму тоа се прави, се разгледуваат одбиените проекти“, рече Лашкоска.
Со ова, додаде таа, еден сериозен проблем се сведува на ниво на административни пропусти. „Не, овде не се работи за административни пропусти и суштината на овој голем проблем не е во одбиените проекти. СДСМ покажа и докажа на дело и во минатото и сега во овие две години дека има елементарно непознавање за културата. Немаат чувство на припадност кон сопствената култура и кон уметничките вредности во културата. Капитални инвестиции – нула. Заштита на културата – нула. Програма каде што се уништуваат значајни манифестации, бренд на културата во Македонија“, рече Лашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

