Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара продолжување на рокот за сослушување експерти и функционери за случајот на Онкологија
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за дополнување на одлуката за основање на анкетната комисија за скандалот на Клиниката за онкологија, со која се бара продолжување на рокот за дополнителни 30 дена за сослушување експерти и поранешни и сегашни носители на јавни функции.
Досега се сослушани повеќе од 50 лица, поранешни и сегашни министри и заменици, директори, раководители на сектори, вработени во Министерството за здравство, ФЗО, МАЛМЕД, ДСЗИ, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, рече дека во процесот на сослушувањето на овие лица се појавиле нови и важни факти и околности за анкетната комисија, кои може да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби како основ за утврдување политичка одговорност.
„Дополнително, во текот на изминатите денови беа објавени нови сознанија за случајот на Онкологија, од кои може да се заклучи дека станува збор за основани сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер-мафијата. Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија и информациите што беа дадени од досега сослушаните лица ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата во делот на повикување носители на јавни функции, раководни лица во институциите и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и периодот од април 2023 година, на кој се однесува извештајот на ФЗО“, рече Мизрахи и образложи дека од овие причини ја поднесуваат оваа одлука, со која анкетната комисија ќе има дополнителни 30 дена за да повика и други засегнати институции и експерти.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува парламентарното мнозинство и сите други партии од опозицијата, доколку навистина сакаат вистината да излезе на виделина, да го поддржат нивниот предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

