Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара стопирање на набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери
Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период, за тоа треба да одлучува идната влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Надвор од секое нормално делување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред избори, во период на техничка влада. Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ. Дополнително никој не знае како е изберена фирмата Леонардо, и зошто не се изберени другите компании меѓу кои американска компанија или германско-француски конзорциум. Како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави. Наместо трошење на 250 милиони евра пред избори, да се стопира набавката и по неа да одлучува идната влада. Со право народот вели дека немаме држава, време е да ја вратиме“, пишува во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)
Македонија
Граѓаните со можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување: советодавни денови помеѓу Фондот на ПИОМ и германскиот носител за пензиско осигурување
На 18 и 19 ноември 2025 година во Скопје ќе се одржат редовните советодавни денови помеѓу претставници на Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување.
Во рамките на советодавните денови граѓаните ќе имаат можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување кои произлегуваат со примената на Договорот за социјално осигурување склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Сојузна Република Германија.
„Граѓаните ќе може да се информираат за условите за остварување на право на пензија, според правните прописи на двете држави договорнички, постапката за потврдување на стаж навршен во СР Германија, потребната документација при поднесување на барање за остварување право на германска пензија, постапката за враќање на придонеси, исплата на германска пензија во Северна Македонија и други прашања.
Заинтересираните странки термин може да закажат на следните телефонски броеви: 02 3250 452, 02 3250 453 и 02 3250 454
Фондот на ПИОМ ги известува странките дека со себе треба да ги понесат доказите за осигурувањето во СР Германија, како и документ за идентификација (лична карта или пасош).
Советодавните денови помеѓу Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување ќе се одржат во просториите на Фондот на улица „23 Октомври“ бр 11, во Скопје, во салата за состаноци на четвртиот спрат во следните термини: 09 до 12 и 14 и 15 до 16 часот на 18 и на 19 ноември 2025 година“.

