Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја тужи Царовска за в.д. директорите во центрите за социјална работа
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе биде поведена постапка за злоупотреба на службена дожност против ексминистерката Мила Царовска поради тоа што, како што велат, незаконски постојано биле именувани едни исти и несоодветни в.д. директори во центрите за социјална работа.
„Сите незаконски назначени в.д. директори го опструираат работењето на центрите со земање на ‘оркестрирани боледувања’ отворени во ист ден. Нестручните и некомпетентни партиски кадри на СДСМ биле вршители на должност спротивно на тогаш важечкиот член 187 став 2 од Законот за социјална заштита и за истото ќе биде поведена постапка за злоупотреба на службена дожност против тогашната министерка Царовска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија тврди дека СДСМ именувале едни исти несоодветни в.д. директори и по неколку пати, иако член 187 став 1 од Законот за социјална заштита не го дозволува тоа. Партијата дополнително ја обвинува Царовска и дека направила промена на Законот за социјална заштита со цел нивно назначување.
„Целта на техничката Влада е да се спроведат фер и демократски избори, но лицемерието на СДСМ преку опструкција на нормалното функционирање на центрите директно влијае на нарушувањето на изборниот процес. Го повикуваме Зоран Заев да престане да ја опструира работата на Министерството, во интерес на граѓаните на Република Македонија. Ова е срамота, греота и целосно несфатливо однесување, а таквото однесување на СДСМ луѓето ќе го казнат на следните избори“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

