Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта знае дека народот е против бугаризација и затоа бега од референдум
„СДСМ да не бега од референдум, народот мора да има право да одлучи за самиот себе.
Референдумот е врвна форма на демократско изразување на волјата на народот. Ниту едно прашање или процес не смее да биде исклучен од можноста да оди на референдум.
Референдумот е апсолутна можност власта да го чуе и имплементира ставот на народот.
Ако СДСМ и власта се убедени дека тоа што го прават со бугаризацијата на државата е исправно, тогаш каде е проблемот и зошто бегаат од референдум.
Очигледно СДСМ и предавникот Ковачевски знаат дека народот е силно против бугаризација и затоа бегаат од референдум.
ВМРО-ДПМНЕ ја прифати референдумската иницијатива и таа е начин да се зачуваат јазикот, историјата и идентитетот. Народот мора да биде чуен“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кочовска призна дека мерките на Владата за замрзнување на цените немаат ефект, велат од СДСМ
Министерката за финансии, Димитриевска Кочовска призна дека мерките на владата за замрзнување на цените на производите немаат никаков ефект. И моментално состојбата во маркетите потврдува дека речиси и да нема производи со намалени цени, дури забележано е и намалување на грамажата на одредени производи, истакнуваат од СДСМ.
„Добро е што Димитриевска јавно кажа дека не се согласува со овие мерки на Владата и потврдува дека не се ефикасни.
Но ја потсетуваме Кочовска дека веќе не е опозиција туку е министерка во Влада и води едно од најважните министерства. Ако не се сложува нека даде решение. Граѓаните очекуваат решенија за намалување на цените а не само мислења.
Исто постапи и со кредитот од Унгарија кога не кажа ниту збор во Собрание.
Граѓаните се оптоварени од поскапувањата, особено во делот на храна. Владата на ДПМНЕ не успеа на време да воведе мерки кои ќе го заштитат стандардот на граѓаните и да ги намалат трошоците на живот за што цената ја плаќаат токму граѓаните“, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на министерката за финансии.
За СДСМ, како што велат, е неприфатливо граѓаните да го носат товарот на економските потешкотии, Владата да презема мерки со задоцнување кои немаат никаков ефект а министерката којашто е најповикана да нема решение туку мислење.
Според оваа партија, стандардот на граѓаните опаѓа, потребна е итна интервенција и нови мерки за конкретни резултати.
Македонија
Али Ахмети се сретна со амбасадорот на Косово: Укинувањето на балансерот е во функција на дневна политика на Владата со моноетнички легитимитет
Денеска во седиштето на Демократската унија за интеграција во Тетово, претседателот Али Ахмети оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово, г. Флоријан Ќехаја.
Претседателот Ахмети и амбасадорот Ќехаја разговараа за политичките случувања во земјата и регионот, евроинтеграциите, Охридскиот договор и билатералните односи меѓу Скопје и Приштина.
Ахмети истакна дека одлуката на Уставниот суд е во функција на дневната политика на Владата со моноетнички легитимитет и е во екот на одлуките кои ги оптоваруваат меѓуетничките односи и го прекршуваат Охридскиот договор, гарантиран од Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
Г-дин Ахмети изрази загриженост и за оддалечувањето на земјата од евроинтеграциите и од европските вредности и партнерство во САД.
Претседателот Ахмети го увери косовскиот амбасадор дека ДУИ ќе продолжи да биде целосно ангажирана за интегрирање на земјата во Европската унија и инсистира на забрзување на процесот и спроведувањето на нашите обврски како држава, особено на уставните измени.
На средбата се разговараше за потребата од спроведување на заедничка гранична контрола со Косово, процес кој е веќе завршен административно, со цел да се избегнат долгите редици на границата и да се олесни движењето на луѓе и стоки.
Исто така, првите два километри од автопатот од Косово до Скопје се целосно завршени и треба да бидат пуштени во употреба, а следните 10 километри да не се попречуваат и да се избере изведувачот на работите без политички одложувања.
Али Ахмети подвлече дека големото албанско-српско помирување мора да се постигне преку признавање на независноста на Република Косово и тоа ќе овозможи стабилен, безбеден, мирен регион со европска перспектива.
Македонија
Лога: Уставниот суд во два случаја ja наруши правната сигурност на уставниот поредок, ова е форма на државен удар
Како поранешен министер за правда, морам да кажам дека Уставниот суд во два случаја во период од една година ја наруши правната сигурност на уставниот поредок во Република Северна Македонија. Ова може да се смета за дејство со сериозни последици за правната држава, можеби дури и како форма на државен удар. Задачата на Уставниот суд е да ја оценува усогласеноста на актите со Уставот и соодветните закони, а не да создава нова регулатива, што е функција на Собранието на Република Северна Македонија, вели Кренар Лога, поранешен министер за правда и потпретседател на АА.
„Таков случај се појави кога Судот, по своја иницијатива го отвори случајот поврзан со „Упатството на Министерот за правда за дополнување и измена на правилникот за начинот на одржување и заштита на матичните книги“, при што го суспендираше прашањето за етничката припадност. Случајот не беше разгледан по суштина за неговата уставност, туку само за прекршувањето на уставниот рок, кој беше пречекорен. Сепак, во сличен случај во 2004 година (Иницијатива на Тони Десковски за уставниот рок во врска со Законот за државјанство), Судот одлучи поинаку, изјавувајќи дека: “Уставниот рок за објавување не може да се смета за уставна норма со ограничувачка цел во врска со примената на регулативите кои беа објавени со продолжување на рокот и влегоа во правниот поредок, бидејќи оваа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободите и правата на граѓаните, на кои во овој случај, на неоспорен начин, им се обезбедува и исполнува загарантираното право на објавување, заради запознавање со законите и другите регулативи во правниот поредок”“, реле Лога и додаде:
„Тогаш поднесов многу акти (закони, правилници, упатства и сл.) кои покажуваа дека објавувањата во Службен весник често се правени по предвидениот рок, но целта на Судот не беше заштитата на уставноста туку заштитата на неправилностите во процесите на вработување за заедниците кои не се мнозинство. Упатството имаше за цел да ги спречи арбитрарните практики на декларирање етничка припадност само за вработување, кои се злоупотребуваа за да се стекне уставното право на вработување на релевантните етнички заедници. Ова упатство директно ги засегаше не само Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и другите, туку и самите Македонци, каде во општините каде беа малцинство, не можеа да го остварат ова право; поточно, упатството ја прекинуваше можноста за враќање на состојбата пред 2002 година кога немакедонските граѓани беа граѓани од втора категорија. Нормално, на македонската политичка елита, нејзината олигархија и „длабоката држава“ не и одговараше Албанците да бидат таму каде што припаѓаат во нивната држава со правото на вработување но и правото на носење јавни функции согласно бројките добиени од Државниот завод за статистика и кои произлегуваат од пописот на населението“.
Според Лога, политиката на балансерот за правично претставување на заедниците не претставуваше проблем сè додека македонското население не почнало да се намалува на само 54% од вкупното, и така државниот систем според него, се соочуваше со губење на контролата од македонските елити и структурата на „длабоката држава“ поддржана од Белград.
„Како и пред неколку месеци, судот повторно продолжува со истиот преседан на нарушување на судската практика и загрозување на правната сигурност, бидејќи за речиси идентичен случај во 2020 година, во врска со оспорувањето на Одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ за воспоставување на посебна квота за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија при приемот на студенти за почетна обука, Судот оцени дека: „Оспорената одлука не е во спротивност со наведените уставни и законски норми. Напротив, според Судот Управниот одбор на Академијата со оваа одлука ги потврдува позитивно воспоставените вредности, воспоставувајќи посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство. Оваа квота е утврдена врз основа на релевантните податоци добиени од Државниот завод за статистика за процентот на претставеност на заедниците“. Судот дури ќе додаде дека: „Судот не го прифати тврдењето дека одлуката го нарушува принципот на еднаквост од член 9 од Уставот. Истакна дека во овој случај се применуваат специфичните одредби на амандманите XXIX и XXX, кои експлицитно го регулираат прашањето на соодветната и правична застапеност на заедниците кои не се мнозинство“. Денес, поранешниот претседател на Уставниот суд г. Салих Мурат направи одлична споредба и анализа во врска со контрадикторните одлуки, како и со злоупотребата во толкувањето на кое се повикува Уставниот суд. Тој изјавува дека: „Загрижувачко е тоа што Судот го игнорира целиот уставен контекст, особено значењето на Амандманите VI, VIII, X, XI, XVI, XXIX и XXX. Проблематичното толкување на правото на приватност во оваа одлука може да го наруши спроведувањето на важни уставни принципи. Пренебрегнувањето на балансерот како важен механизам за обезбедување соодветна застапеност е сериозен недостаток на ова решение“, како и „Судот го нарушува принципот на еднаквост од член 9 од Уставот со тоа што ја занемарува потребата од афирмативни мерки за постигнување суштинска еднаквост. Иако се повикува на еднаквоста, Судот всушност го нарушува овој принцип со тоа што го игнорира фактот дека формалната еднаквост може да доведе до фактичка нееднаквост за членовите на малцинските заедници“. Потенцијалните негативни последици од оваа одлука се широки. Таа создава правна несигурност, ризикува да ја загрози социјалната кохезија и може да го наруши широкиот општествен консензус постигнат со Охридскиот рамковен договор. На меѓународно ниво, може да се доведе во прашање посветеноста на Северна Македонија на меѓународните стандарди за заштита и на малцинствата. Постои реален ризик од институционална нерамнотежа и нарушување на етничката рамнотежа во јавните институции, што може да доведе до намалена легитимност на истите. Како заклучок, може да се каже дека Уставниот суд ги надминал своите надлежности создавајќи нови регулативи за кои ниту има мандат, ниту има основа; правната заблуда би била најблагиот термин за ова судење, но попрецизно би било ПРОТИВПРАВНО ДЕЛО“, заврши поранешниот министер за правда.