Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта не е Европа, тие се обични измамници со куп криминали, кои ги нема во Европа
„Власта на Ковачевски тврди дека тие се Европа, а врска немаат со европски вредности и принципи. Тие се обични измамници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали се европски вредности сопругата на премиерот да добива државно земјиште по едно евро за квадрат со цел да тера милионски бизнис со фотоволтаици во време на официјална енергетска криза? Дали е Европа, кога во три големи трагедии страдаат 70-тина граѓани, во автобуската несреќа Ласкарци, ‘Беса транс’, и модуларната болница во Тетово и со години се водат судски процеси и никој не одговара за тоа?
Дали е Европа кога граѓаните имаат доверба во правосудството едвај 1 %, кога за Уставни судии и членови во Судски совет се бираат партиски послушници на СДС и ДУИ? Дали е Европа кога никој жив во државата не знае каква биографија има првиот обвинител за гонење организиран криминал и како е избран? Дали е Европа кога од земјоделска земја се претворивме во земја која е целосно увозно зависна од храна?
Зарем е Европа земја која е рекордер по корупција и се наоѓа полошо и од африканските земји? Дали е Европа држава која нема универзитет ни меѓу првите 1.900 на шангајската Листа? Зарем е Европа земја во која наркомафијашите си пукаат меѓу себе, а полицијата беспомошно гледа од страна затоа што е полна со кртови кои работат за мафијата? Зарем е Европа земја која издава 215 пасоши на светски мафијаши, убијци, терористи, наркодилери и белосветски криминалци“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Има ли земја во Европа која среде 3 официјално прогласени кризи, со рекордна инфлација, со 500 илјади граѓани во сиромаштија, со најнизок раст на БДП ги зголемува платите на функционерите за 78%, а на работниците и на пензионерите им нуди 5% зголемување?
Дали е Европа кога внукот на Ахмети добива третина од уделот во трговски центар, без да плати денарза тоа? Европа тоа го нарекува корупција, а кај нас тоа се смета за „претприемачки дух“?
Зарем е Европа ако за најголемиот инфраструктурен проект вреден милијарди се ангажира надзор фирма која до вчера произведувала гаќи?
Дали е Европа земја што две години не може да испечати учебници за своите деца?
Дали е Европа власт која 4 години гради 2 километри автопат кон Блаце, а 7 години не може да заврши автопат од Кичево до Охрид?
Дали е Европа власт која не може да обезбеди терапија за болните од рак, за болните од дијабетес, која не може да обезбеди доволно антибиотици?
Дали е Европа земја во која семејството на првиот вице премиер стекнува луксузен деловен простор на централната улица во главниот град по багателна цена?
Дали е Европа земја во која на истиот вицепремиер му палат возило кое тој го “позајмил“ од фирма која на мистериозен начин стекнала хотел под сомнение за злоупотреба на функција и влијание?
Дали е Европа власт која на студентите им дава по 140 денари за оброк, а во исто време дава милиони евра на блиски фирми за организирање на апсурдни настани, прослави и саеми?
Дали е Европа кога за навреда на функционер упатена на социјалната мрежа ФБ сторителот експресно се открива и казнува, а за тешки кривични дела, убиства, коруптивни скандали никој не одговара?
Зарем е Европа земја во која директор на Фонд за здравство е фатен како полни торби со снопчиња пари и власта го остава да си замине од државата без да одговара?
Дали е Европа пола влада да се занимава со производство и трговија со струја, а другата половина со производство на марихуана и притоа власта да ја користат да обезбедат подобри бизниси?
Зарем е Европа земја која основните потреби ги задоволува со земање кредити и која го удвоила вкупниот долг за само 6 години?
Зарем е Европа земја во која министер во владата дава збор дека една фирма ќе може да влезе во село за да вклучи или исклучи корисник на електрична енергија, а притоа да не биде претепан?
Зарем е Европа земја во која има општини што немаат одделение за даноци и не наплаќаат даноци од граѓаните?
Зарем е Европа земја во која синот на претседателот на Собранието полага правосуден испит пред да го заокружи високото образование и потоа станува обвинител?
Зарем има земја во Европа во која претседател на собрание еклатантно крши деловникот и устав или јавно ќе пцуе и навредува службеници и после тоа се „прави на Тошо“ и не поднесува оставка?
Можеме до утре да набројуваме скандали, афери и катастрофи поврзани со оваа власт која тенденциозно вели дека ТИЕ биле Европа. Тие од Европа знаат само за евро валутата во која ги пресметуваат процентите, наместените тендери и коруптивниот ќар. Тие од Европа немаат никаква врска.
Народот им ги памти овие, но и стотици други скандали и ќе ги казни многу скоро. Изборите се решение за Македонија. Власта на ДУИ и СДС може да бега, ама нема да избега од три работи, од соочување со народот на избори, од пораз и од одговорност.
Овие прашања погоре, но и слични на овие ќе бидат единствените прашања на кои актуелнава власт треба да подготви одговори, а за сѐ друго едноставно не е важно што мисли бидејќи никој веќе и не ја прашува“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Судија бил разрешен во времето на СДСМ откако одбил да донесе мислење во случај поврзан со Јанкулоска, рече Манасиевски
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција изјави дека постои ново сведоштво за притисоци врз правосудството и политички прогон кон поранешни функционери на партијата.
Како што посочи Манасиевски, поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски, во гостување на поткаст на социјална мрежа изјавил дека бил разрешен откако одбил да донесе позитивно мислење во одреден случај, за кој, според него, немало правна основа.
Според кажаното, станува збор за предмет поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Манасиевски наведе дека Катевеновски тврди оти во 2019 година го добил случајот од поранешното Специјално јавно обвинителство и дека не постоела правна можност за позитивно мислење.
По одложување на одлуката со цел консултација со колеги, како што беше посочено, Судскиот совет го разрешил Катевеновски веќе следниот ден. Тој, според Манасиевски, одговорноста за разрешувањето ја лоцирал кај тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
Манасиевски во обраќањето изјави дека се зголемува бројот на лица кои сведочат за притисоци врз правосудството и упати обвинувања кон поранешната влада, наведувајќи дека реформите ќе продолжат и дека ќе има одговорност.
Македонија
(Фото) Германија донира техничка опрема и возила од 600.000 евра на МВР
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи присуствуваше на церемонија на примопредавање на донација од Германија, на која присуствуваше и амбасадорката Петра Дрекслер, како и претставници од Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на Германија.
Донацијата, во вкупна вредност од околу 600.000 евра реализирана во претходниот период, опфаќа моторни возила, термовизиски камери, компјутерска опрема и софтвери, специјализирани уреди за проверка на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица.

Оваа опрема е наменета за унапредување на капацитетите на Министерството во делот на граничното управување, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, криминалистичко-разузнавачката анализа и форензичките испитувања.
Министерот Тошковски истакна дека донацијата претставува симбол на довербата и силното партнерство меѓу двете земји.

„Оваа церемонија не е само формално примопредавање на опрема, туку јасна порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал, во заштитата на нашите граници и во обезбедувањето на сигурноста на граѓаните. Поддршката што ја добиваме не се мери само во материјални средства, туку и во знаење, обуки и размена на искуства, што значи долгорочно зајакнување на капацитетите и професионализација на македонската полиција“, нагласи Тошковски.
Тој изрази благодарност до Сојузната полиција на СР Германија и до Амбасадата на Германија во Скопје за континуираната поддршка, посочувајќи дека шесте реализирани обуки за македонските полициски службеници се доказ за стратешката и долгорочна соработка меѓу двете институции.

Министерот потенцираше дека ваквата помош претставува значаен придонес во зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедноста, како и во остварувањето на заедничката визија за сигурна, стабилна и европска Македонија.
„Со обезбедувањето на техничка опрема ја продолжуваме нашата долгогодишна доверлива полициска соработка. Зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија во делот на граничниот надзор, во борбата против трговијата со луѓе, илегалната миграција и прекуграничниот криминал е во наш заеднички европски интерес. Заедно работиме на јакнење на Европа – денес и во иднина.“, истакна амбасадорката Дрекслер.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.

