Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза и навредите упатени од Шилегов
ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза и навредите упатени од градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов. Тие не само што се израз на ниско ниво на култура, туку го отсликуваат менталниот склоп на власта, каде преку навреди, омаловажувања сакаат да ја замолкнат опозицијата и различното мислење. Петре Шилегов не е подготвен да дебатира со факти и аргументи, и затоа пристапува кон вакво недолично однесување, се вели во реакцијата на партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, реалноста е дека Шилегов нема проекти и не работи, не ги решава проблемите на скопјани и преку вакво однесување тој ја дефокусира јавноста од она што се реални потреби на градот Скопје.
„Ако денес јавноста не ги слушнеше навредите на Петре Шилегов во фокусот на јавноста ќе беше фактот што тој воведува нова давачка за граѓаните- наплата на паркинг место за мотори, дека нема план за изградба на ново средно училиште во Аеродром кое го ветуваше, дека нема да се почне со градба на престојувалиште за бездомници, дека нема да има наплата на оштета на граѓаните кои беа оштетени од неодамнешното невреме, дека граѓаните на Шуто Оризари ќе останат без функционална атмосферска канализација, граѓаните на Гази Баба нема да добијат проширен булевар Александар Македонски, и дека целосно е заглавена монографијата за град Скопје. Вистинското лице на Петре Шилегов е она кое не е способно да ги решава проблемите на граѓаните“, се вели во соопштението.
Според партијата, сето ова недозволиво и приземно однесување на Шилегов кое е израз на недостаток на демократски капацитет е одобрено од претседателката на советот на Град Скопје, Љубица Јанчева која дозволува кршење на процедурите и одобрува самоволие. Затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе покрене и интерпелација до претседавачот на советот на град Скопје поради несовено работење и кршење на деловникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

