Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Груевски не сторил никакво дело, судството е партизирано
ВМРО-ДПМНЕ утрово коментира дека судството работи под директен диктат на премиерот Зоран Заев. Најголемата опозициска партија преку соопштение оценува дека експремиерот Никола Груевски е жртва на политички прогон и хајка која што, како што велат, однародената и криминална власт ја води против него преку партиското и клиентелистичко судство и обвинителството.
„Поранешниот премиер Груевски не сторил никакво дело. Аболицираниот Заев го клеветеше дека наводно крадел милијарди, а неговото „Кацарска судство“ го осуди затоа што неколку пати влегол во службено возило, кое се уште го користи криминалната власт. Кривичниот совет уште еднаш потврди дека судството во Република Македонија е партизирано и служи за политички прогон на сите кои му се спртиставуваат на Зоран Заев во антидржавите политики. Демократијата и демократските процеси во земјава се мисловна именка“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата додава дека судството е партизирано и не важат докази и аргументи.
„Кривичниот совет само за да му удоволи на Зоран Заев експресно во најбрз рок и без да ја разгледа ја одби жалбата на Никола Груевски. Ваквиот потег е невиден преседан во судството и уште една потврда дека судот е целосно партизиран и се наоѓа во рацете на СДСМ и Заев. Поредокот во државата е целосно урнисан, правната држава не постои, а обинителството и судството носат политички пресуди само за да го заштитат криминалот на Заев и распродажбата на се што е македонско. Судот испраќа порака и до секој друг кој ќе му застане на Заев дека ќе го снајде истото доколку му застане на патот во уништувањето на државата“, се додава во соопштението.
Со политичкиот прогон и неправда која се спроведува преку институциите, смета ВМРО-ДПМНЕ, се отвора слободен терен на Зоран Заев за продажба на државните и националните интереси. Додека институциите слепо работат во служба на Заев и заштита на неговиот криминал, Република Македонија се повеќе тоне, граѓаните осиромашуваат, и се распродава се што е македонско, додава најголемата опозициска партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.

