Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали тендерите од Пановска кон Пановски фрлаат црна дамка врз Kлиниката за хематологија
„Дали тендерите од Пановска кон Пановски фрлаат црна дамка на Kлиниката за хематологија? Договорот за набавка склучен на први септември со веледрогеријата АД Д-р. Пановски не е прв договор кој оваа клиника го склучила, каде директорка е ќерката, а понудувач таткото“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Бизнис интересите и тендер политиките што оваа власт на СДС и ДУИ со години ги спроведуваа насекаде, па и во здравството, резултираа со урнисан здравствен систем, погазени права на пациентите и незадоволни лекари кои масовно го напуштаа јавното здравство.
Во овој случај каде се добива одговор дека една изјава за изземање го оправдува доделувањето тендери од еден на друг во кругот на семејството се поставува прашањето каде е моралната вертикала која ќе спречи злоупотреба на процесот или судирот на интереси?
Дополнително, ако се отвори веб страната на ЈЗУ УК за хематологија ќе се увиди дека последен објавен годишен план за јавни набавки е во 2021 година. Каде е транспарентноста за која зборуваат, и уште поважно зошто не се објавени годишните планови за јавни набавки за 2022 и 2023 година?
Ваквите состојби во здравството придонесуваат да расте недовербата во јавното здравство и може да се заклучи дека со власта на СДС и ДУИ единствено што се менува во здравството се луѓето кои седат на министерските фотелји“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

