Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Костадинов: Атанасовски ниту бил ниту е ангажиран како советник на Мицкоски
Македонија се соочува со најцрниот период од осамостојувањето кога целиот безбедносен и судски систем се ставени во улога само и само за спроведување политички монтирани и мотивирани процеси, на штета на безбедноста на државата и особено на правото и правдата, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Во време кога со државата владее криминогена власт, а државата се завива во црно поради мафијашки пресметки на улиците, СДСМ спроведува класичен политички прогон преку пласирање лажни информации. Владимир Атанасовски ниту бил ниту е ангажиран како советник на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Информацијата дека Атанасовски е дел од советниците на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме за тенденциозна инсинуација и намерно нанесување штета на новото раководство на партијата и претседателот Мицкоски“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение посочуваат ддека остануваат на ставот дека во Република Македонија се одвиваат политички мотивирани и инструирани судски процеси кои немаат врска со правото и правдата, а кои судскиот систем го доведуваат до апсурдности кои се одвиваат до недоглед.
„Токму заради тоа ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија.И политичките судски процеси и политичките приведувања, како и пласирањата лажни информации имаат за цел да ја дезавуираат јавноста од безбедносните проблеми и прашања, како и од реалните проблеми кои оваа мрачна криминогена власт ги нанесува врз граѓаните на Република Македонија“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецов, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чијшто промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на Партнерската Комисија на САД – Јадранската Повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската Повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската Повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање на усогласени механизми за брза реакција.
Заменик министерот Димитровски ја реафирмираше силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската Повелба како уникатна регионална платформа која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската Повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија, тој ја подвлече и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите-членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Македонија
Забрана за огномети во Скопје, бара „Зелен хуман град“
Зелен хуман град, денеска преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе Иницијатива за забрана на огномет на територија на Град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ги загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и на животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини PM2.5 и PM10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик по здравјето“, велат од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни угинувaња, особено кај птици. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивни материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и на животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од Зелен хуман град.

