Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Животот дојде само за Заев, Анѓушев и криминалниот картел во власта
Животот дојде само за Заев, Анѓушев и криминалниот картел во власта. Останатите граѓани осиромашуваат, а државата се презадолжува. Тоа е очајната економска слика една година по преземање на власта од страна на СДСМ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Кочо Анѓушев.
Според нив, вицепремиерот Анѓушев денес повторно излезе со податоци кои Државниот завод за статистика сè уште не ги објавил, со што се потврдува дека станува збор повеќе за политика отколку за економија и наука. „Граѓаните, работниците и стопанствениците најдобро знаат каков напредок на економијата донесе црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски. Граѓаните кои ја плаќаат акциза покачена од Заев и Анѓушев, не може да бидат излажани од приказните на човекот со масератито. Граѓаните кои плаќаат екстремно скапи горива не му веруваат на газдата кој си доби милиони евра од грчкото електростопанство. Граѓаните кои мака мачат со растот на цените на мало и ефектите од спиралата на инфлација, најдобро го чувствуваат по својот џеб економското цунами кое го носи власта на Заев“, се вели во реакцијата.
„Заев и Анѓушев успеаја да си обезбедат енормен раст на своите бизниси, но ја вратија 100 години назад економијата. Наместо напредок, за државата донесоа стагнација, уназадување и крах, а сопствените бизниси ги проширија и на одгледување на марихуана и на ископ на глина и на милионски тендери со државните компании. Бројките тоа го говорат. Јавниот долг се зголеми над 5 милијарди евра, исто како и државниот долг кој надмина 4 милијарди. Растот на БДП минатата година го завршија со 0%, пензиите не се зголемија, платата не е 500 евра, нема 100 илјади денари плата за земјоделците, нема ниту странски инвестиции. Секаде во економијата е јад и чемер, освен личните бизниси на криминалниот картел кои цветаат. Тоа се фактите и тоа се бројките. Се друго е виртуелна статистика која само владата ја гледа“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

