Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и криминалниот картел упорно ја спроведуваат Тиранската платформа
Зоран Заев и криминалниот картел кој го води ја спроведуваат Тиранската платформа на сметка на правото и правната држава, велат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Убијците во случајот „Монструм“ се на слобода, а неистомисленици на Зоран Заев неосновано се притвораат. Заев пред изборите тврдеше и ги манипулираше семејствата на убиените дека ја знае вистината за бруталната егзекуција кај Смилковско езеро. Заев, повеќе години водеше морбидна кампања и го искористи свирепото убиство за собирање на политички поени“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека сега откако е на власт, Заев тврди дека нема докази за ѕверската ликвидација кај Смилковско езеро и дека, ако ги имал истите и ќе ги објавел.
„Заев лаже и манипулира. Додека беше опозиција Зоран Заев алудираше на поврзаноста на ДУИ со убијците. Според исказот на семејствата, тој им покажувал транскрипти од разговори помеѓу Невзет Бејта и Фејзи Азири, а тврдел и дека пет од броевите кои се заведени како државна тајна се на функционери од ДУИ. Наеднаш Заев заборави на се што им кажуваше на родителите. Дали коалицијата со ДУИ е причина за неговата амнезија“, запрашуваат од опозициската партија.
Оттаму велат дека Заев и криминалниот картел кој го води си поиграа со целата држава и граѓаните.
„Зоран Заев ги окупираше институциите и ја зароби државата. Правото не се применува, а наместо доказите и аргументите политиката е во преден план. Институциите не работат. Чесни граѓани се влечат по притвори и судови, а веќе осудени убијци се пуштаат на слобода. Државата ништо не презема за правосилно осудените убијци Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да бидат екстрадирани во државата, но затоа малтретира лекари, режисери, актери и докажани општествени дејци. Ова незаконие мора да запре. Злоупотребата на институциите и девалвирањето на правото мора да запре. Граѓаните заслужуваат правна држава и стабилни институции“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

